Голема зделка во спортската индустрија: Кинезите го преземаат водството во германската „Пума“

Кинеската компанија „Анта спортс продактс“ се согласи да купи околу 29 проценти од познатиот производител на спортска опрема „Пума“ за 1,5 милијарди евра (2,3 милијарди сингапурски долари), со што ќе стане најголем акционер на германската компанија и ќе го прошири своето портфолио на западни спортски брендови.

Со договорот се предвидува „Анта“ да купи околу 43 милиони акции на „Пума“ од „Артемис“, холдинг компанијата на француското милијардерско семејство Пино, по цена од 35 евра по акција, соопшти „Анта“ во поднесениот извештај до берзата во Хонг Конг на 27 јануари.

Тоа претставува премија од 62 проценти во споредба со последната цена на затворање на акциите на Пума. Се очекува трансакцијата да биде завршена до крајот на 2026 година.

Купувањето удел во Пума се надополнува на растечкото портфолио на западни брендови во сопственост на Антa, а ова купување удел би можело да го отвори патот за целосно преземање на Пума, иако кинеската компанија изјави дека во моментов нема такви планови, пишува Блумберг.

Инвестицијата во Пума ќе ја забрза глобализацијата на Антa „и ќе помогне во започнувањето на следната фаза на раст за глобалните спортски пазари, вклучително и Кина“, рече претседателот на Антa, Динг Шижонг. „Веруваме дека цената на акциите на Пума во последните неколку месеци не го одразува целосно долгорочниот потенцијал на брендот“, додаде тој.

Најголемиот кинески производител на спортска облека е во фаза на интензивно стекнување глобални брендови и веќе поседува меѓународни спортски брендови како што се Фила, Десенте и Џек Волфскин. Во 2019 година, конзорциум предводен од Антa плати 5,2 милијарди долари за Амер Спортс, сопственик на премиум брендови како што се Саломон и Арк’терикс.

Овие аквизиции ѝ помогнаа на Анта да го искористи растечкиот интерес на Кина за спортови на отворено и да стане една од најбрзо растечките компании за спортска облека и опрема во земјата.

Во последниве години, стратегијата со повеќе брендови ѝ овозможи да оствари посилен раст на продажбата од клучните конкуренти на масовни пазари – од меѓународни брендови како Најк и Адидас до домашни конкуренти како Ли Нинг – и покрај послабите трошоци во Кина и жестоките ценовни војни меѓу трговците на мало.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека договорот со Пума би можел дополнително да го оптовари истоимениот масовен бренд Антa, кој веќе ја намали својата цел за приходи за 2025 година.