
Европската Унија (ЕУ) има намера да ги засили своите напори за диверзификација на снабдувањето со течен природен гас (ЛНГ) за да не стане премногу зависна од САД во светлината на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд, изјави европскиот комесар за енергетика Ден Јергенсен.
Тој ги нарече најновите настани во односите меѓу Европа и САД повик за будење и истакна дека неодамнешната геополитичка нестабилност, од рускиот напад врз Украина до тензиите на ЕУ со Вашингтон, значат дека ЕУ повеќе не смее да претпоставува дека енергетските врски се имуни на безбедносни шокови.
„Ова се многу турбулентни времиња. Она што ја направи ситуацијата уште посериозна и посложена се затегнатите односи со САД“, ce зборовите на европскиот комесар.
САД сега ја снабдуваат ЕУ со околу 27 проценти од нејзините потреби за гас, а пред рускиот напад врз Украина таа изнесуваше само пет проценти. Зависноста од САД веројатно ќе расте дополнително во блиска иднина, бидејќи ќе стапи на сила целосна забрана за увоз на руски гас. Пред 2022 година, рускиот гас сочинуваше 50 проценти од вкупниот увоз на Европа, а сега тој процент падна на 12 проценти.
Ова беше постигнато првенствено благодарение на снабдувањето со течен природен гас (ЛНГ) од САД. Франција, Шпанија, Италија, Холандија и Белгија се најголемите увозници на течен природен гас од САД.
Испораките на американски гас пристигнуваат и на хрватскиот терминал за течен природен гас во Омишаљ на островот Крк.
Новите договори со американските енергетски компании би можеле да ја зголемат количината набавена од САД до дури 40 проценти од вкупниот увоз на гас до 2030 година. Патем, како дел од трговскиот договор меѓу Брисел и Вашингтон, ЕУ треба да купи енергетски производи во вредност од околу 750 милијарди долари од САД во следните три години.
Европските домаќинства и индустрија веќе се соочуваат со едни од највисоките цени на енергијата во светот, и доста е тешко да се отфрли поевтиниот американски гас и покрај напнатата реторика што се одвива преку Атлантикот. Јергенсен наведува дека Брисел сега активно бара алтернативни извори на гас и планира да ги продлабочи енергетските врски со неколку земји, вклучувајќи ги Канада, Катар и Алжир.
„Канада секако, проследена од Катар и северноафриканските земји… ние исто така работиме на обезбедување извори на нуклеарно гориво за оние земји кои сè уште зависат од Москва“, рече тој.
Во исто време, тој забележува дека ЕУ не сака трговска војна со САД, ниту сака да тргува помалку со таа земја, но постои растечка загриженост за замена на една зависност со друга, додека Европа треба да може сама да се грижи за себе.
Според Јергенсен, ЕУ не поставила никаков специфичен дозволен праг над кој увозот на гас од САД би се сметал за прекумерен.
„Засега, американскиот гас останува клучен како замена за рускиот гас“, тврди тој.
Проблемот е што течниот природен гас може да се добие само од неколку земји во светот. Она на што ЕУ се надева е ново производство во Катар и Обединетите Арапски Емирати што се очекува од 2030 година.











