
Новата визна стратегија на Европската Унија ќе им помогне на транспортерите од Западен Балкан, изјави денес извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен и рече дека ЕУ сака да овозможи пофлексибилни правила за прекуграничните работници.
Одговарајќи на новинарско прашање, Виркунен истакна дека проблемите на возачите од Западен Балкан се познати на Комисијата, како и дека новата визна стратегија предвидува одредени флексибилности, но дека безбедноста на границите сè уште останува приоритет.
„Системот за влез и излез не воведува нови барања за краткорочни престои во Шенген“, рече Виркунен.
Таа истакна дека возачите кои ја преминуваат границата секој ден веќе имаат одредени исклучоци бидејќи ги користат истите контролни пунктови, додека предизвиците се појавуваат само во специфични случаи.
„Ги анализираме овие предизвици и работиме на нивно решавање како дел од стратегијата“, додаде Виркунен.
За превозниците од Западен Балкан, во моментов правилата остануваат исти, но Комисијата планира дополнителни решенија што би можеле да го олеснат секојдневниот труд и да ги намалат тензиите на границите.
Според европската постапка, во следната фаза, ЕК го испраќа предлогот за новата визна стратегија до Советот на ЕУ и Европскиот парламент, каде што се дискутира предлогот, се даваат коментари и е можно да се побараат измени или дополнувања.











