
Продажбата на пиво во Германија се намали за шест проценти во 2025 година во споредба со претходната година, односно за 497,1 милиони литри на околу 7,8 милијарди литри, што е најниско ниво откако започна следењето на податоците во 1993 година, објави денес Федералниот завод за статистика (Дестатис).
За прв пат во историјата, вкупната продажба на пиво во Германија падна под границата од осум милијарди литри, се додава во извештајот.
Во споредба со 2015 година, продажбата на пиво е помала за 18,9 проценти, или за околу 1,8 милијарди литри.
Најголемиот дел од пивото во Германија, околу 82,5 проценти, беше продаден на домашниот пазар и за него беше платен данок, при што домашната потрошувачка падна за 5,8 проценти на 6,4 милијарди литри.
Останатите 17,5 проценти се однесуваат на продаденото пиво кое не беше оданочено, бидејќи или беше извезено во странство или дадено на вработените во пиварниците, а во овој случај е регистриран пад од седум проценти на околу 1,4 милијарди литри.
Извозот во земјите од Европската Унија се намали за 1,3 проценти на 798,5 милиони литри, додека извозот во земјите надвор од Европската Унија се намали за дури 14,2 проценти, на 552,8 милиони литри.













