Ќе се воведува ли нова виза за престој? ЕК бара „прагматични решенија“ за возачите од регионот

Министри од шесте држави од Западен Балкан и претставници на Европската комисија денеска ќе реализираат состанок во онлајн формат, насочен кон предизвиците со кои се соочуваат транспортните оператори од регионот при патување и престој во Шенген зоната.

На овој собир, според најавите, ќе учествуваат министрите за внатрешни работи, транспорт и европски прашања од државите од Западен Балкан. Исто така, ќе бидат присутни и претставници од генералните директори на Европската комисија за проширување и Источно партнерство (ДГ ИНЕСТ), за мобилност и транспорт (ДГ МОВЕ) и за миграција и внатрешни работи (ДГ ХОМЕ).

Прашањето кое се однесува на потешкотиите на превозниците стана поактуелно по минатонеделната блокада на граничните премини кон Шенген зоната од страна на возачите на камиони од регионот. По ова, во средата беше одржана средба помеѓу претставници на Комисијата и амбасадорите на шесте земји од Западен Балкан акредитирани во ЕУ.

Портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во петокот посочи дека Комисијата е целосно свесна за загриженоста која ја искажаа транспортните оператори од Западен Балкан. Тој додаде дека ситуацијата се следи внимателно и дека се одржуваат контакти со партнерите од регионот.

Тој подвлече дека Европската комисија е силно ангажирана на прашањата иницирани од превозниците. Затоа, со Стратегијата за визи, објавена во четвртокот, се предвидува цврста соработка со земјите членки „за да се идентификуваат прагматични решенија, кои можат да обезбедат безбедност и економска корист за ЕУ, како и правна јасност за патниците“.

„Врз основа на размислувањата, ќе се разгледа и воведување ново законодавство со специфичен сет правила за продолжен кус престој на ниво на ЕУ“, изјави Ламерт, додавајќи дека во моментов не може да даде конкретни рокови за овие нови правила.

Во однос на забелешките на превозниците во врска со воведувањето на системот за регистрација на влез и излез (ЕЕС), Ламерт нагласи дека со овој систем не се креираат нови правила за престој во шенген-зоната. Тој објасни дека и понатаму во цела Европа остануваат во сила истите правила кои важат со години.

„Би сакал одново да ги повторам правилата. Според правилата на шенген-зоната, граѓаните на земјите ослободени од визен режим имаат право да останат во шенген-зоната до 90 дена во кој било период од 180 дена. Секој престој подолг од ова мора да биде покриен со различна форма на виза, на пример, со виза за долг престој или дозвола за престој издадена од земја членка. Нема нови правила“, истакна Ламерт.