
Стопанска банка АД – Скопје информира дека дел од нивните клиенти имаат добиено сомнителни SMS, Viber и e-mail пораки со лажни известувања за наводна уплата за сообраќаен прекршок од МВР, поврзана со Safe City системот.
Овие пораки содржат линкови кои водат до лажни веб-страници што визуелно наликуваат на легитимни државни веб-сајтови, со .gov екстензија, но истите не се официјални и имаат за цел измамничко прибирање на податоци за платежни картички и други лични и финансиски информации.
Според досегашната анализа и добиените информации, ваквите пораки најчесто пристигнуваат кај корисници на iOS уреди, поради можноста за доставување на SMS пораки (iMessage) преку релативно анонимен извор, како што е e-mail адреса.
Од банката повикуваат на зголемена внимателност и советуваат да не отворате линкови од непознати или сомнителни извори, да не внесувате податоци од вашите платежни картички и да не споделувате лични и финансиски информации.
Доколку добиете ваква порака, веднаш избришете ја и да не преземате никакви активности, апелираат од банката.














