Пандора најавува стратешка промена

Најголемиот светски трговец со накит Пандора, компанија која купува повеќе од 300 тони сребро годишно, планира да ги намали трошоците со тоа што ќе почне да произведува повеќе предмети од платина, метал кој е 26 пати поскап од среброто.

Имено, цената на среброто беснее во двата правци во последните месеци – прво постојано ги соборуваше историските рекорди, а потоа падна надолу. И покрај ова, со цена од 80 американски долари за унца, среброто е сè уште двојно поскапо отколку што беше пред една година.

Среброто – како и златото – се сметаат за релативно безбедни засолништа на парите во неизвесните геополитички околности што преовладуваат во моментов. Пандора, компанија која се позиционираше како титан во сферата на „прифатлив луксуз“, се најде во тешка ситуација кога цената на нивната главна суровина толку многу се зголеми.

Затоа тие објавија дека ќе воведат линија на производи обложени со платина за да „ја намалат зависноста од сребро и да продолжат да им обезбедуваат на клиентите висококвалитетен, посакуван накит по прифатливи цени“.

Во текот на следната година, Пандора планира да ги замени барем половина од своите залихи од сребро со производи од обични метали обложени со платина, објавува Њујорк Тајмс (NYT).

Цената на платината исто така расте во последно време, но не толку драстично како среброто. Во текот на оваа година, цената на платината скокна за 3 проценти, на 2100 долари за унца.

„Многу е ризично за секој бизнис да зависи – и до таков степен – од цената на еден материјал“, изјави директорката на Пандора, Берта де Паблос-Барбие, за Њујорк Тајмс.

Иако платината е поскапа од среброто по унца, од „Пандора“ велат дека ќе нанесуваат платина врз легура, што би го направило процесот поевтин. Компанијата додаде дека крајниот производ за потрошувачот нема да чини ниту повеќе, ниту помалку од сребрените парчиња.

Историчарката на накит, Вивиен Бекер, изјави: „Платината очигледно има елитистички имиџ, па луѓето и понатаму ќе го имаат тоа чувство на драгоценост,“ дури и ако основата е легура.

Таа додаде дека кај потрошувачите има забележлива промена кон белите метали откако цените на златото се зголемија, а најавата на „Пандора“ е „паметен маркетинг“ кој ќе им се допадне на потрошувачите кои бараат полуксузни производи.

Од „Пандора“ изјавија: „Нашите истражувања покажуваат дека платината е високо ценета од потрошувачите и се перципира како втор најскапоцен бел метал, веднаш по белото злато.“

Во последниот извештај за деловните резултати, компанијата изјави дека тие биле значително погодени од послабиот интерес на клиентите, со изразено забавување на продажбата во САД кон крајот на годината.