
Само еден аеродром од земјите од поранешна Југославија беше меѓу 100-те најпрометни во Европа, според годишниот извештај на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за 2025 година. Станува збор за аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
Со вкупно 8.912.349 опслужени патници, аеродромот во Белград го зазеде 74-то место на листата на најпрометни европски аеродроми. На овој начин, беше пред аеродромите во Рејкјавик, Глазгов, Софија, Солун и Рига, но зад Палермо, Ибица и Ланзароте.
Во споредба со 2024 година, аеродромот „Никола Тесла“ забележа зголемување од 544.418 патници.
Загреб и Приштина се блиску до првите 100
Загребскиот аеродром го зазеде 107-то место во Европа, пред аеродромите во Крф, Приштина и Нирнберг, додека Вилнус, Торино и Вроцлав беа пред него.

Аеродромот во Приштина беше рангиран на 109-то место, по него следуваат Сплит на 121-во место, Скопјe на 129-то, Дубровник на 133-то и Сараево на 145-то место.
Аеродромот во Подгорица остана надвор од првите 150 втора година по ред, заземајќи го 157-то место, додека Задар беше на 161-во место.
Аеродромот во Љубљана беше најлошо рангиран меѓу главните градови во Европа, рангирајќи се на 165-то место меѓу речиси 500 аеродроми.
Хитроу сè уште најпрометен
Во текот на 2025 година, најпрометен аеродром во Европа беше Лондон Хитроу, со 84,4 милиони патници, по него следуваше аеродромот во Истанбул.
Следат Париз Шарл де Гол, Амстердам, Мадрид, Франкфурт, Барселона, Рим Фјумичино, Истанбул Сабиха Гокчен и Минхен.
Вкупниот патнички сообраќај на европските аеродроми во 2025 година се зголеми за 4,4 проценти во споредба со претходната година, што означува враќање кон постабилни стапки на раст по пандемијата Ковид-19.
Европските аеродроми минатата година опслужија дополнителни 100 милиони патници, достигнувајќи рекордни 2,6 милијарди патници. Сепак, околу 41 процент од аеродромите сè уште не го достигнаа нивото на сообраќај од предпандемиската 2019 година.
Аеродромите надвор од Европската Унија забележаа повисок од просечниот раст на патничкиот сообраќај, со зголемување од 6,2 проценти, во споредба со 4 проценти за аеродромите во рамките на ЕУ, објави „Ex-Yu Aviation News“.











