Црна Гора: Инфлацијата во јануари 2,9 проценти

Цените на производите и услугите за лична потрошувачка, мерени според индексот на потрошувачки цени, во јануари, во споредба со истиот месец минатата година, биле во просек за 2,9 проценти повисоки, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Црна Гора, Монстат.

Во споредба со декември, потрошувачките цени во јануари биле во просек за 0,1 процент повисоки.

„Најголемо влијание врз месечната стапка на инфлација имаше зголемувањето на цените во групите тутун, цврсти горива, месо и месни производи, овошје и јаткасти плодови, пакети телекомуникациски услуги, потрошни производи за домаќинството, услуги за одржување, поправки и обезбедување на станбена зграда, млеко, други млечни производи и јајца“, се наведува во соопштението.

Во целата измината година, во споредба со 2024 година, потрошувачките цени беа во просек за 3,9 проценти повисоки.

Гледано по главните групи на производи и услуги според намената на потрошувачката, во јануари, во споредба со претходниот месец, раст е забележан во групите алкохолни пијалоци и тутун 5,3 проценти, осигурување и финансиски услуги 2,5 проценти, мебел и редовно одржување на станови 1 процент, информации и комуникации 0,6 проценти, храна и безалкохолни пијалоци 0,5 проценти, здравје и ресторани и услуги за сместување по 0,1 процент.

Пад на цените е забележан во групите облека и обувки за 2,7 проценти, транспорт за два проценти и рекреација, спорт и култура за 0,2 проценти.

Цените на другите производи и услуги не се променија значително.