Хаос во Ормутскиот теснец: Стотици танкери се закотвени

Најмалку 150 танкери, вклучувајќи ги и оние што превезуваат сурова нафта и течен природен гас, се закотвени во отворените води на Персискиот Залив над Ормутскиот Проток, а десетици други се стационирани од другата страна на тесниот морски премин, покажаа податоците за превозот во неделата, откако нападите на САД и Израел врз Иран го потопија целиот регион во немири и неизвесност.
Танкерите се групирани во отворените води покрај бреговите на главните држави производители на нафта во Заливот, вклучувајќи ги Ирак и Саудиска Арабија, како и гигантот за течен природен гас Катар, процени Ројтерс врз основа на податоците за следење на бродовите преку платформата MarineTraffic.

Бројни бродови се закотвени во ексклузивните економски зони (EEZ) на клучните земји од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, според MarineTraffic, а десетици товарни бродови се одделно групирани и закотвени во различни зони.

Околу 20 проценти од глобалната нафта, вклучувајќи ја и нафтата произведена од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт и Иран, поминува низ Ормутскиот Проток заедно со големи количини на LNG од Катар. Покрај тоа, најмалку уште сто танкери моментално се закотвени надвор од теснецот по должината на бреговите и сидриштата на Обединетите Арапски Емирати и Оман, заедно со десетици товарни бродови, според податоците на MarineTraffic.

По израелско-американскиот напад, неколку сопственици на танкери, нафтени компании и трговски куќи ги прекинаа пратките на сурова нафта, гориво и течен природен гас  преку Ормутскиот теснец, а Техеран објави дека го затворил за пловидба, соопштија трговски извори во саботата.

Maersk го прекинува целиот сообраќај низ Ормутскиот теснец

Данскиот превознички гигант Maersk денес објави дека го прекинува целиот сообраќај низ Ормускиот теснец до понатамошно известување поради, како што наведуваат, „влошената безбедносна ситуација во регионот на Блискиот Исток“. Тоа е една од најголемите компании за транспорт на контејнери во светот.

„До понатамошно известување, го прекинуваме целиот премин на бродови низ Ормускиот теснец. Како резултат на тоа, нашите услуги што вклучуваат пристаништа во Арапскиот Залив може да бидат одложени, пренасочени или нивниот распоред за пловидба да биде прилагоден“, објави Maersk во неделата. Компанијата додаде:

„Наш врвен приоритет останува безбедноста на нашите екипажи, бродови и товарот на нашите клиенти.“

Сообраќајот се намали за 75 проценти

Во меѓувреме, вкупниот сообраќај во теснецот до саботата се намали за околу 75 проценти во споредба со претходниот ден, потврди вишиот аналитичар на Kpler. Димитрис Ампацидис изјави дека до сабота попладне повеќето бродови во областа „направиле полукружно свртување, престанале да пловат или се пренасочиле кон алтернативни рути надвор од теснецот“.