
Заштитата на денарот и на другите валути во готовинскиот платен промет значи директна заштита на граѓаните и нивната финансиска сигурност. Затоа, Дирекцијата за трезорско работење ја унапреди својата техничка опременост со современ уред за спектрална анализа од типот Regula.
Како што информираат од централната банка преку социјалната мрежа Фејсбук со оваа напредна технологија, експертите можат со висока прецизност и брзина да ги откријат и најсуптилните разлики меѓу оригиналните и фалсификуваните банкноти – без разлика дали станува збор за денари или за други валути што циркулираат во платниот промет.

Примената нуди:
Поголема заштита од фалсификати
Побрза и поточна анализа на сомнителни банкноти
Засилена контрола на квалитетот кај новите изданија банкноти

Ова значи помал ризик од финансиска штета за граѓаните и компаниите, како и поголема доверба во готовинскиот платен промет.
Народната банка останува посветена на примена на најсовремени стандарди и технологии, со јасна цел – сигурна и стабилна национална валута и безбеден финансиски систем за сите, стои во објавата.











