Без кирија во пресметките: Зошто владината кошничка тежи помалку од таа на ССМ?

Македонските граѓани наскоро ќе добијат нов репер за пресметка на основните месечни трошоци. По денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја презентираше новата владина потрошувачка кошничка, тврдејќи дека таа е значително поевтина и попрецизна од досегашната пресметка на Сојузот на синдикати (ССМ).

„Минимални трошоци, а не желби“

Според пресметките на Министерството, владината кошничка, која опфаќа 101 производ, е за околу 13 проценти поевтина од онаа на ССМ. Главниот аргумент на Дурмиши е дека пресметката на Синдикатот не ги одразува реалните минимални трошоци за преживување, туку вклучува ставки кои не се трошат редовно.

“Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи кои во временски период не се трошат, имаат ставено ставка за кирија, а според Пописот 90 проценти од населението, има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори кои самите кажуваат дека тоа не е минимална кошничка“ рече Дурмиши

Министерот упати и директна критика кон методологијата на ССМ, нагласувајќи дека нивната верзија е изработена од професори кои и самите признале дека не станува збор за „минимална“ кошничка.

Кошничката изработена од Владата денеска беше презентирана пред ЕСС, но за неа имало одредени забелешки од, како што рече Дурмиши, технички карактер, но имало и предлози кои ќе се разгледаат и на следната сендица на ЕСС која се планира да се одржи до крајот на месецов, повторно ќе биде разгледана. Доколку биде прифатена, според Дурмиши, ќе почне да се применува од крајот на овој месец.