Брисел ја започнува иницијативата „Произведено во Европа“ за да ја спаси индустријата од кинеската конкуренција

Денес, Брисел ќе ги презентира долгоочекуваните предлози во рамките на иницијативата „Произведено во Европа“, која има за цел реиндустријализација на континентот и спротивставување на кинеската конкуренција.

Таканаречениот закон за „Индустриско забрзување“, предводен од потпретседателот на Европската комисија, Стефан Сежурн, има за цел да ги зачува и декарбонизира клучните индустриски сектори кои, како автомобилската индустрија, стравуваат дека кинеската конкуренција би можела да ги потисне, додека тие веќе се соочуваат со предизвиците на зелената транзиција и многу високите цени на енергијата во Европа, објавува Фигаро.

Клучна одредба од текстот предвидува воведување на „европска преференција“, мерка која долго време беше табу во Европа поради нејзиниот протекционистички карактер, објави весникот.

Целта е да се обврзат компаниите во стратешките сектори да го извршуваат дел од своето производство во Европа или да снабдуваат локални компоненти, доколку користат јавни средства.

Тоа е механизам инспириран од слични закони во Соединетите Американски Држави и Кина, како што истакнува Сежурне во авторски текст потпишан од илјада европски бизнис лидери.

Сепак, презентацијата на законот, првично планирана за крајот на 2025 година, постојано беше одложувана поради несогласувања меѓу земјите-членки, но и во самата Комисија, во врска со неговата цел, опсег и ограничувања.

Овие прашања беа предмет на интензивни дискусии меѓу земјите-членки во последните месеци, иако чувството на итност на крајот ги наведе дури и најрезервираните – Германија и нордиските земји – да ја поддржат иницијативата „Произведено во Европа“, со услов мерката да биде строго насочена.

Затоа, Европската комисија ги омекна почетните амбиции во врска со списокот на опфатени сектори, па предлогот предвидува обврска за употреба на челик со ниски емисии на јаглерод во градежни и инфраструктурни проекти финансирани од јавни средства, но без услов челикот да се произведува во Европа.

Таквото решение беше остро критикувано од организацијата на европски производители на челик Еврофер.

Во текстот не се споменува обврската за локална содржина за хемиската и пластичната индустрија.

Од друга страна, автомобилскиот сектор треба да биде опфатен со мерките, како и технологиите за производство на енергија со ниска емисија на јаглерод, како што се сончевите панели и батериите.

Најконтроверзното прашање е кои земји би биле опфатени со етикетата „Произведено во Европа“.

Берлин и другите главни градови инсистираа компаниите што произведуваат во одредени земји-партнери да не бидат исклучени од механизмот, за да се избегнат трговска одмазда и прекини во синџирите на снабдување.

Земјите што одржуваат блиски односи со ЕУ, како што се Велика Британија, Турција, Јапонија и Швајцарија, се надеваат на таков преференцијален третман, пренесува Танјуг.