
Компаниите од Европската Унија добро се справуваат со повисоките американски царини, но се жалат на проблеми со продажбата на своите производи дома поради фрагментирани регулативи, според истражувањето на Европската инвестициска банка (ЕИБ). „Кога САД ги зголемија царините, американските компании покажаа поголема загриженост од нивните колеги од ЕУ. Досега, влијанието на царините најмногу го апсорбираа американските увозници, додека влијанието остана подносливо за извозниците од ЕУ“, наведува ЕИБ.
Банката спроведе анкета помеѓу април и јули минатата година меѓу приближно 13.000 компании, а резултатите ги објави во вторник. Во јули, Вашингтон и Брисел постигнаа рамковен трговски договор со кој американските царини за повеќето стоки од ЕУ се преполовени, на 15 проценти. ЕУ сакаше да склучи билатерален договор за ослободување од царини.
ЕИБ во своето истражување откри дека дури две третини од европските компании имаат проблеми со извозот на стоки во други земји од ЕУ поради различните национални закони во 27-те земји-членки. „Отстранувањето на овие пречки би можело да го зголеми односот на корпоративните инвестиции во однос на средствата за 10 проценти, со уште поголеми добивки за нематеријалните инвестиции“, проценува ЕИБ.
Резултатите од истражувањето се во согласност со оние спроведени од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), со проценка дека трговските бариери во рамките на ЕУ, чиј извор се различни регулативи, се еквивалентни на царина од 44 проценти за стоки и 110 проценти за услуги. Истражувањето на најголемата европска инвестициска банка во сопственост на ЕУ, исто така, покажа дека компаниите од ЕУ се исто толку напредни како и оние во Соединетите Американски Држави кога станува збор за користење на вештачка интелигенција, што ја зголемува нивната продуктивност.
„Истражувањето за инвестиции на Групацијата ЕИБ за 2025/2026 година покажува дека компаниите од ЕУ добро се прилагодиле на брзиот технолошки напредок и барањата на зелената транзиција, како и на забележително зголемување на американските царини“, заклучи банката.











