
Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во среда, бидејќи цените на нафтата се стабилизираа по два дена силен раст, а инвеститорите се надеваат дека ситуацијата на Блискиот Исток наскоро би можела да се смири.
Dow Jones доби 0,49 проценти, на 48.739 поени, додека S&P 500 порасна за 0,78 проценти, на 6.869 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,29 проценти, на 22.807 поени.
Растот на индексот е благодарение на надежите на инвеститорите за ублажување на конфликтот на Блискиот Исток, по веста во „Њујорк тајмс“ дека иранските разузнавачки агенти индиректно им соопштиле на американските разузнавачки служби дека Иран е отворен за преговори.
Иако ниту Белата куќа ниту Иран не покажуваат дека се подготвени да ги намалат тензиите, инвеститорите се надеваат дека се подготвува терен за дипломатско решение на конфликтот.
На најголемата берза во светот позитивно влијаеше и пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе понудат осигурување за бродовите во Персискиот Залив и дека, доколку е потребно, танкерите би можеле да бидат придружени од воени бродови.
Ова можеби би можело да ги нормализира испораките на нафта од Блискиот Исток, па вчера цените на „црното злато“ се стабилизираа, откако скокнаа за повеќе од 11 проценти во првите два дена. Благодарение на тоа, стравувањата на инвеститорите за зголемување на инфлацијата се намалија.
„Тоа донесе доза на оптимизам на пазарот, што би можело да се тестира во наредните недели. Во овие ситуации, треба да се биде реалистичен, ниту премногу оптимистички, ниту премногу песимистичен“, вели Џим Авад, директор во „Клирстед Адвајзорс“.
Инвеститорите беа охрабрени и од солидните економски вести. Извештајот на американската централна банка покажа дека економската активност расте бавно, како и цените, и дека нивото на вработеност е стабилно во последните недели.











