
Европските берзански индекси денес се во најголем дел во пад, цената на нафтата од типот Брент повторно порасна и се приближува кон вредноста од 90 долари за барел, додека инвеститорите чекаат податоци за инфлацијата во Соединетите Американски Држави, кои ќе бидат објавени во 13:30 часот.
Според „Волстрит џурнал“ (WSJ), Меѓународната агенција за енергија (IEA) наскоро би можела да донесе на пазарот голема количина нафта од стратешките резерви, поради војната на Блискиот Исток што предизвика глобални прекини во снабдувањето.
Извршниот директор на IEA, Фатих Бирол, изјави дека земјите-членки во моментов имаат повеќе од 1,2 милијарди барели јавни стратешки резерви, со дополнителни 600 милиони барели индустриски залихи што се чуваат по налог на владите.
„Условите на пазарот на нафта се влошија во последните денови“, рече Бирол, посочувајќи на проблемите со транспортот и значителното намалување на производството, според CNBC.
Денес во 10:00 часот, индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,91 процент на 23.715,04 поени, францускиот CAC 40 за 0,64 проценти на 8.004,77 поени, британскиот FTSE 100 за 0,72 проценти на 10.331,89 поени, додека московскиот MOEX порасна за 0,35 проценти на 2.863,59 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones падна за 0,07 проценти на 47.706,51 поени, а на S&P 500 за 0,21 процент на 6.781,48 поени, додека вредноста на индексот Nasdaq се зголеми за 0,01 процент на 22.697,10 поени.
Цената на суровата нафта се искачи на 85.269 долари за барел, а на нафтата од типот Брент на 89.545 долари.
Фјучерсите за европски гас за април беа продадени на отворањето на берзата TTF во Амстердам по цена од 46,565 евра за мегават-час.
Цената на златото се искачи на 5.191,50 долари за тројанска унца, а цената на пченицата на 5,8525 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,16195 долари, што е за 0,06 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.











