
Во изминатите два дена, директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на Даночниот симпозиум на Европската унија, насловен „Иднината на оданочувањето: нееднаквост и раст во глобалната економија“, коорганизиран од Европскиот парламент и Европската комисија.
Симпозиумот обедини високи носители на политики и експерти од областа на јавните финансии и оданочувањето – сегашни и поранешни министри за финансии, директори на даночни администрации, генералниот секретар на ОЕЦД, претставници на Европската комисија, како и истакнати академици.
Во фокусот на дискусиите беа клучни прашања за модернизација на даночните системи, со акцент на рационализација на обврските за даночно известување, поедноставување на правилата и процедурите и зголемување на правната сигурност, со цел намалување на административниот товар во областа на оданочувањето, при истовремено обезбедување ефикасна заштита од даночна евазија и избегнување на оданочување.
Беше нагласено дека глобалниот даночен контекст значително се менува и носи зголемени фискални притисоци под влијание на демографските трендови, зголемените јавни расходи, климатските предизвици, новите технологии, како и глобалните политички предизвици. Во такви услови, даночните политики треба да бидат усогласени со економските цели, да поттикнуваат продуктивни инвестиции и да придонесуваат кон одржлив економски раст.
Посебно внимание беше посветено на глобалниот минимален данок, како инструмент за спречување на штетна даночна конкуренција и намалување на практиките на префрлање на профитот, со што се зајакнува правичноста и стабилноста на даночните системи, а истовремено се намалува притисокот врз јурисдикциите да создаваат даночни поволности кои чинат јавни приходи.
Една од клучните теми беше и намалувањето на ДДВ јазот, кој на европско ниво изнесува околу 10% од вкупните обврски. Во таа насока, беше истакната потребата од зајакнување на даночната усогласеност преку дигитализација, но и преку подобра размена на податоци и развој на аналитички капацитети во даночните администрации. Новите иницијативи за стандардизација на податоците, како ВИДА, се гледаат како значаен чекор кон поефикасна наплата и заштита на приходите. Современите даночни администрации треба да се развиваат не само како органи за наплата, туку и како организации базирани на податоци и аналитика, способни да одговорат на новите економски реалности.
Во рамки на настанот, претставниците на УЈП остварија средби со колеги од повеќе земји, со цел размена на искуства и продлабочување на меѓународната соработка.
Учество на вакви настани од висок ранг е од особено значење за Управата за јавни приходи, бидејќи овозможува пристап до најновите европски и глобални трендови, размена на добри практики и зајакнување на институционалните капацитети за градење на современа, транспарентна и ефикасна даночна администрација.













