ЕК ги поттикнува членките да ги намалат целите за складирање гас поради војната

Европската комисија ги повика земјите-членки да ги намалат своите цели за складирање на гас, бидејќи војната во Иран влијае на клучните добавувачи и ги зголемува цените на енергијата.
Европскиот комесар за енергија, Ден Јергенсен, ги потсети министрите за енергија на флексибилноста што ја обезбедуваат тековните регулативи и ги охрабри да ја искористат, изјави портпаролот за CNN. Овој потег сигнализира загриженост во Брисел дека ригидните цели за складирање би можеле да извршат дополнителен притисок врз европските цени на енергијата, пишува CNN.

Во писмо испратено во петок, Јергенсен нагласи дека земјите-членки можат да ги намалат целите за капацитет за складирање за вкупно до 20 процентни поени. Намалување од 10 процентни поени е можно во „тешки услови за полнење на подземни складишта за гас“, дополнителни пет под „одредени технички услови“ и уште пет во случаи на „трајни неповолни пазарни услови“.

Референтните цени на природниот гас скокнаа во четврток за малку повеќе од 13 проценти, откако во еден момент беа повисоки за 25 проценти. Од почетокот на војната на 28 февруари, цените речиси се дуплираа.