Експерти:Намалувањето на ДДВ за горивата е “акутна“ мерка – треба да посегнеме по штедење!

Засега, како проблем за економијата и за стандардот на граѓаните се растечките цени на горивата кои по “домино“ систем ќе притиснат и веќе притискаат и на цените на другите производи и услуги, но важно прашање е дали треба да се посегне и по мерки за штедење – коментираат познавачите на геополитичките состојби.

Според Велин Стојановски, магистер по национална стратегија за одбрана, пензиониран полковник, нашата економија како извозно зависна мора да знае што ќе прави не само со цените туку и со количините.

“Македонија во целост увезува одредени енергенси, снабдувањето со истите од Блискиот Исток најверојатно ќе биде прекинато или во најмала рака отежнато на подолг период. По завршувањето на војната ќе бидат потребни минимум шест месеци инфраструктурата да се стави во оперативна функција“ – вели Стојановски за “Бизнис-инфо“.

Од Владата тврда дека со намалување на ДДВ за горивата од 19% на 10% е направен потрег со кој се штити стандардот но и дека залихите во нафтените резерви и кај компаниите од нафтениот бизнис се стабилни.

“Во овој момент имаме предизвици и ќе има предизвици, но електро-енергетската состојба во државата е исклучително стабилна, но исто така и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е исклучително стабилно. Така што во овој момент не само што ги задоволуваме домашните потреби, знаете поради најниската цена на бензините и дизел горивото во регионот имаме многу граѓани од соседните држави коишто полнат гориво на бензинските пумпи кај нас. Притисокот е најголем на западната, северната и јужната граница“ – изјави премерот Мицкоски.

Најавата на претседателот на САД Трамп за петдневно затишје на воените напади врз енергтеските капацитети на Иран веднаш предизвика намалување на цената на нафтата под 100 долари за бараел, но прашањето за стабилизација на цената на долг рок засега, според експертите е отворено прашање, без одговор. Еден од поранешните министри за транспорт, Љупчо Балковски смета дека дражата терба да изгради поширок фронт за следење на енергетската криза.

“Намалувањето на ДДВ од 18% на 10% е само моментална мерка за ублажување на покачувањето на цените за нафтените деривати. Со изјави дека сме меѓу најдобрите економии во Европа, НЕ се поправа состојбата и на граѓаните не им се  подобрува финансиската состојба. Потребно е формирање на Кризен менаџмент и Акционен план за итни мерки за стабилизирање и решавање на тековната неповолна Економска состојба произлезена од Светската нафтена криза“ – смета Балковски.

Според Стојановски пак, Македонија треба да размислува и за мерки за штедење бидејќи не е исклучено да се соочиме не само со ценовен раст туку и со недостиг на гориво.
“Енергенсите треба да се штедат оти можно е да секне доставата на истите. Мислам дека намалувањето на ДДВ на 10% нема да ја намали потрошувачката и мерките треба да одат во друга насока – како да се намали потрошувачката. На пример Владата може да почне од себеси – намалување за минимум 50% на употреба службените возила, а не треба да се исклучи и прашањето за намалување на ДДВ за основните прехранбени производи со цел да се заштити стандардот на граѓаните“ – вели Стојановски.

Од опозициската СДСМ најавија дека ќе предложат законски измени за намалување на ДДВ и за храната како и интервенција во износот на акциската.  Од Владата пак соопштија дека не е исклучена и можноста да се намали и акцизата, но засега намалениот ДДВ останува на сила две недели.
Д.А.