
Граѓаните шокирани од високите цени на овошјето и зеленчукот на зелените пазари. Пиперките и доматите деновиве се продаваа по 300 денари за килограм, краставиците од 100 до 120 денари, зелена салата 50 денари, моркови 50 до 80, а младата зелка од 80 до 100 денари за килограм. Трговците високите цени ги правдаат со велат зголемените трошоци за производство, транспорт, како и увозните цени на одредени производи исто така бележат пораст. Земјоделците велат ќе биде и полошо затоа што со овие цени на ѓубривата и нафтата која стигна до 100 денари за литар веќе никој нема да сака да произведува.
Производите кои моментално се продаваат на зелените пазари не се од домашно производство, туку од увоз чии цени се зголемени, пред се поради повисоките цени на транспортот. Нашето раноградинарско производство, она што е под пластеници ќе стигне пред велигденските празници, но прашање е колку ќе има и по која цена ќе се продава.
-Ова не се наши производи, туку од увоз. Но, и нашите кога ќе стигнат на пазар ќе бидат скапи. Поради војната на Блискиот Исток поскапеа вештачките ѓубрива. Азотното ѓубре е 2.000 денари за вреќа од 50 килограми, а за брзо ќе биде и 50 евра за вреќа. Сега едно кило ѓубре изнесува 40 денари, а минатата година беше дупло поевтино и чинеше 20 денари. Ако продолжи вака не само што ќе биде скапо и ќе го плаќаме по едно евро за кило, туку ќе биде проблем и снабдувањето, изјави за „Локално“, Ристо Велков, претседател на Сојуз на земјоделци од Струмица.
Тој вели дека 90 отсто од нивите во струмичко се засадени само со пролетна зелка, чија откупна цена моментално е 50 денари, а на зелените пазари се продава и по 100 денари за килограм. Вели дека домати и пиперки има слабо, бидејќи за нив има поголеми трошоци и повеќе работа и земјоделците не сакаат да ризикуваат, односно да ги продаваат по пониска цена од производствената.











