
Како последица од конфликтот на Блискиот Исток, можно е да се забележи одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите од домашните аеродроми. Сепак, според информациите од ТАВ Македонија за МИА, засега не се очекуваат значителни нарушувања во воздушниот сообраќај.
Оттаму информираат дека во моментов само „Виз ер“ ја суспендира редовната авиолинија Скопје – Ларнака, почнувајќи од 13 април. Оваа линија во иднина ќе функционира сезонски, само во текот на летните месеци.
Со оглед на претстојниот летен ред на летање, ТАВ наведуваат дека по успешната 2025 година и силната зимска сезона, се очекува трендот на стабилен раст да продолжи и во наредниот период, поткрепен со зголемување на бројот на патници и проширување на мрежата на дестинации.
Во контекст на случувањата на Блискиот Исток, дел од авиокомпаниите мораа брзо да се адаптираат на новонастанатата ситуација, реорганизирајќи ги своите маршрути и распореди на летови. Ова, пак, индиректно се одрази и врз глобалните туристички патувања.
„Од гледна точка на ТАВ Македонија, како оператор на двата македонски аеродроми, нашата одговорност е насочена кон аеродромските операции и обезбедување континуирано и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и патници за време на нивниот престој на аеродромите. Секако, внимателно ја следиме ситуацијата и одржуваме постојана комуникација со авиопревозниците“, изјави за МИА Неџат Курт, главен извршен директор на ТАВ Македонија.
Тој додаде: „Во овој момент не се предвидуваат суштински промени во вкупниот број на летови и патници, особено имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа.“
„Виз ер“, појасни Курт, ја прекинува редовната линија Скопје – Ларнака поради намалениот интерес за резервации на авиобилети. „Значи, можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот“, потенцираше Курт.
Со стапувањето во сила на летниот ред на летање, кој започнува ноќеска на полноќ, ќе бидат воведени 10 нови дестинации од двата домашни аеродроми. Од Меѓународниот аеродром Скопје ќе оперираат 16 авиокомпании кон 49 дестинации, а дополнително ќе има чартер летови кон шест дестинации, како и 20 дестинации со авиокомпанијата „Фри Брд Јуроп“. Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе ги опслужува седум авиокомпании кои ќе летаат до 13 дестинации, како и чартер летови до три дестинации со две авиокомпании.
На почетокот на новиот ред на летање, на 29 март, ќе стартува линијата од Охрид до Милано. Откако, на 30 март, Скопје ќе биде директно поврзано со Неапол, повторно ќе биде воведена и авиолинијата до Будимпешта. Од 17 мај, „Аустријан Ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Виз ер“ ќе отвори уште две нови линии од Охрид – до Катовице и Вроцлав. Од 15 јули се планира стартување на линијата од Скопје до Палермо, а од 18 јули и на рутата Скопје – Алгеро. Во првите денови од јуни, поточно на 2 и 3 јуни, ќе започнат и чартер летовите од Скопје до Трабзон и Самсун, реализирани од авиокомпанијата Anadolu Jet.
Според најавите, утре официјално ќе започне реконструкцијата и модернизацијата на Охридскиот аеродром, со очекуван рок на завршување до крајот на мај годинава. Со предвидените активности, според ТАВ Македонија, аеродромот ќе добие нов изглед, со зголемен простор во терминалната зграда за патниците, што ќе овозможи поефикасни и покомфорни услуги. ТАВ Македонија инвестира 2,7 милиони евра во овој проект, кој ќе опфати неколку клучни сегменти и ќе се реализира во неколку фази. Се очекува целосното завршување да биде до крајот на мај. Во текот на реконструкцијата, авиосообраќајот ќе продолжи да функционира непречено, изјави Курт.
Според него, домашните аеродроми ја заокружуваат зимската сезона со позитивни резултати, слично како и во 2025 година, придонесувајќи за стабилен и одржлив раст на бројот на патници и летови. Во февруари годинава, скопскиот аеродром опслужил 236.769 патници, што претставува зголемување од 33,2% во однос на истиот месец во 2025 година. Реализирани биле 1.680 летови, за 19,4% повеќе споредбено со февруари претходната година.
„По успешната 2025 година и силната зимска сезона, ТАВ Македонија очекува продолжување на стабилниот раст и во наредниот период, поткрепен со зголемен број патници и проширување на мрежата на дестинации. Со континуирана посветеност на квалитетот на услугите и инвестиции во инфраструктура и развој, компанијата останува фокусирана на унапредување на корисничкото искуство и одржлив напредок“, истакна Курт.
Во 2025 година, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид опслужиле 3,5 милиони (3.475.288) патници, што претставува пораст од 9% во однос на 2024 година. Лани, двата аеродроми реализирале 26.500 летови, што е за 4% повеќе во истиот период од јануари до декември 2024 година.
**Летен распоред на летови за 2026 година од Меѓународниот аеродром Скопје:**
**Дестинации и авиокомпании:**
* Атина – Aegean Airlines
* Белград – Air Serbia
* Истанбул – Turkish Airlines
* Истанбул, Анкара и Бодрум – AJet
* Виена – Austrian Airlines
* Цирих – Chair Airlines и Edelweiss
* Загреб – Croatia Airlines
* Париз (Орли) и Женева – EasyJet
* Варшава – LOT Polish Airlines
* Франкфурт – Lufthansa
* Осло – Norwegian Air Shuttle
* Истанбул (Сабиха Гокчен), Измир и Анталија – Pegasus Airlines
* Анталија и Измир – Sun Express
* Wizz Air – Алгеро, Барселона, Бари, Базел-Милуз, Милано-Бергамо, Берлин, Болоња, Братислава, Брисел-Шарлероа, Будимпешта, Келн, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт-Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Мадрид, Малме, Малта, Минхен-Меминген, Неапол, Нирнберг, Палермо, Прага, Стокхолм, Штутгарт, Осло-Сандефјорд, Париз-Бове, Рим-Фјумичино, Венеција-Тревизо, Баден-Баден (Карлсруе), Љубљана, Лондон-Лутон.
**Чартер летови:**
* Ajet – Анталија, Чукурова, Анкара, Дијарбакир, Самсон, Трабзон
* Freebird Airlines – Анталија, Брисел, Брисел/Марсеј, Минхен/Виена, Копеханген/Булунд, Берлин/Хамбург, Франкфурт/Штутгард, Дизелдорф/Франкфурт, Париз, Лион/Марсеј, Манчестер/Лондон, Дизелдорф, Стокхолм/Гетеборг
* Хургада – Nesma Airlines и Nile Air
* Монастир – Nouvel air
* Чукурова – Pegasus Airlines
* Дијарбакир – Turkish Airlines
Дополнително, на овие шест дестинации летаат повеќе од една авиокомпанија, за време на летниот распоред на летови за 2026 година:
* Анталија (Pegasus и SunExrpess и чартер од Ajet, Freebird Airlines)
* Франкфурт (Lufthansa до аеродромот во Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан)
* Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и Ajet до аеродромот Сабиха Гокчен)
* Измир (Pegasus и SunExpress)
* Цирих (Edelweiss и Chair Airlines)
* Осло (Осло Сандефјорд од Wizz Air и Осло – Norwegian Air Shuttle)
**Летен распоред на летови за 2026 година од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид:**
**Дестинации и авиокомпании:**
* Цирих – Edelweiss и Chair Airlines
* Амстердам – TUI Fly
* Белград – Air Serbia
* Истанбул – Turkish Airlines
* Виена – Austrian Airlines
* Катовице, Вроцлав, Дортмунд, Минхен-Мемингем, Базел-Милуз, Штутгард, Милано-Малпенса, Братислава – Wizz Air.
**Чартер летови:**
* Базел-Милуз – GP Aviation
* Гетвик и Манчестер со TUI











