
Ѓубривата значително поскапуваат, а снабдувањето со нив е сериозно загрозено поради војната на Блискиот Исток, што дополнително го засилува ударот врз земјоделскиот сектор по неодамнешниот раст на цената на нафтата. Земјоделците, во пресрет на пролетната сеидба, се загрижени дека нема да можат да ги обработат нивите, бидејќи покрај поскапувањето на ѓубривата, високи се и цените на хемиските препарати, горивото и останатите земјоделски материјали.
Експертите предупредуваат дека ако цените на ѓубривата продолжат да растат, тоа може да доведе до намалени приноси и поголеми трошоци за земјоделците, а со тоа и до поскапа храна за граѓаните.
– Сега е период на зголемена земјоделска активност. Почнуваме со садење на повеќе култури, но со вакви цени, тешко дека ќе успееме да ја започнеме сеидбата. Покрај ниската откупна цена, се соочуваме со повеќе проблеми скапа нафта, скапи ѓубрива, скапи препарати за заштита… Вештачките ѓубрива се поскапени од 10 до 40 отсто. Претходно, вреќа од 25 килограми чинеше 600 денари, а сега чини 1.000 денари. Македонија е увозно зависна и немаме домашно производство на азотни ѓубрива, поради што нарушеното снабдување и високите цени директно го погодуваат домашното производство на храна, објаснува Диме Димитриески од Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека 90 отсто од азотните ѓубрива се увезуваат од Србија и Бугарија и дека засега ги има во земјоделските аптеки, но прашање е до кога, пишува Локално.мк











