
Извршниот директор на „Цитадел“, еден од најмоќните и најуспешните хеџ фондови во светот, Кен Грифин, предупреди дека светската економија се движи кон рецесија ако Ормутскиот теснец остане затворен подолго време. Тој ја даде својата проценка на конференцијата „Семафор ворлд економи“ во Вашингтон, пишува CNBC.
Грифин, чија фирма управува со стотици милијарди долари и користи најнапредни математички модели за предвидување на пазарите, е еден од највлијателните гласови на Волстрит.
Освен неговата финансиска моќ, тој е познат и како еден од најголемите донатори на Републиканската партија.
Иако во минатото бил критичен кон одредени постапки на Доналд Трамп, Грифин се смета за клучен поддржувач на републиканските политики и донирал милиони долари за зајакнување на конзервативните каузи, што ги прави неговите економски прогнози особено важни во контекст на американската надворешна политика.
„Ако Ормутскиот теснец остане затворен, неизбежно е светот да влезе во рецесија“
„Да речеме дека теснецот останува затворен во следните шест до дванаесет месеци – светот ќе заврши во рецесија. Тоа е неизбежно“, рече Грифин.
Ормутскиот теснец е стратешки најважниот морски премин во светот, низ кој минува околу една петтина од светската нафта.
Неговата блокада би значела моментален прекин на снабдувањето за поголемиот дел од Азија и Европа. Грифин додаде дека една последица од ваквите случувања би била масовно и забрзано префрлање кон алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ветер, сончева и нуклеарна енергија, за да се намали зависноста од нестабилниот Блиски Исток.
Последици од војната и реакција на пазарот
Шефот на инвестицискиот гигант, исто така, верува дека последиците од војната би биле потешки доколку САД ги одложија нападите и со тоа овозможија зајакнување на воените капацитети на Иран.
Иако акциите успеаја да се вратат на нивоата пред САД да го нападнат Иран за прв пат во февруари, оптимизмот на инвеститорите зависи од времетраењето на војната на Блискиот Исток. Грифин и многу други аналитичари предупредуваат на опасен феномен: ризикот од ескалација на тензиите меѓу двете земји во моментов воопшто не е „пресметан во пазарните цени“.
Ова значи дека берзите се однесуваат како конфликтот да ќе остане под контрола, што остава простор за брутален шок и нагло опаѓање на цените доколку ситуацијата се влоши дополнително.
Цените на нафтата и ранливоста на економиите
Светските економии, особено азиските,се исклучително чувствителни на скоковите на цените на нафтата, кои во моментов се на покачено ниво од околу 100 долари за барел.
Иако ова е пониско од највисоките нивоа достигнати за време на најлошиот дел од конфликтот, тоа е значително повисоко од цените пред војната, кога барелот се тргуваше за помалку од 70 долари. Секое понатамошно зголемување на цената на енергијата директно ги зголемува трошоците за живот и ја турка глобалната економија преку работ на издржливост.











