
Потрошувачките цени во Хрватска во март беа за 4,8 проценти повисоки во споредба со истиот месец минатата година, според проценката објавена од Државниот завод за статистика (ДЗС), што значително ја забрза инфлацијата на годишна основа.
Во споредба со претходниот месец, односно февруари оваа година, цените се зголемија за 1,4 проценти, со што, пренесува Хина, ДЗС ја потврди својата прва проценка, објавена на 31 март.
Така, откако беше 3,3 проценти во декември, 3,4 проценти во јануари и 3,8 проценти во февруари, инфлацијата во март, главно под влијание на цените на енергијата, го забрза својот годишен раст на 4,8 проценти и достигна највисоко ниво од октомври 2023 година.
Најголем пораст на потрошувачките цени во просек е постигнат во групите домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, за 11,1 процент. Потоа следат алкохолни пијалоци и тутун (7,5 проценти), транспорт (седум проценти), ресторани и услуги за сместување (шест проценти) и рекреација, спорт и култура со зголемување од 4,4 проценти.
Зголемувањето во споредба со март 2025 година беше ублажено со падот на цените во групите облека и обувки, за 2,4 проценти, услуги за образование (1,6 проценти) и мебел, опрема за домаќинството и редовно одржување на домаќинството, за 0,3 проценти.
На месечно ниво, најголем раст е забележан кај облеката и обувките, за 6,3 проценти, транспортот (4,7 проценти), информациите и комуникациите (1,7 проценти) и здравствената заштита за 0,9 проценти.
Овој пораст е ублажен со падот на цените во групата рекреација, спорт и култура, за 0,3 проценти.
Според главните компоненти на индексот (посебни агрегати), зголемување на цените на годишно ниво е постигнато кај компонентите енергија, за 11,2 проценти, услуги, за 7,8 проценти и храна, пијалоци и тутун, за 3,9 проценти, додека намалување на цените е забележано кај индустриските непрехранбени производи без енергија, за 0,6 проценти.
Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, мерени со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, во март во споредба со истиот месец минатата година беа во просек за 4,6 проценти повисоки, а во споредба со февруари за 1,2 проценти.












