
Во Европа се води жестока политичка дебата, а нејзината тема е забраната за мотори со внатрешно согорување во патнички возила од 2035 година. Европската Унија малку ја омекна одлуката, но тоа не е доволно за многумина.
– Доколку европската забрана за мотори со внатрешно согорување остане во сегашната форма, понатамошно масовно реструктуирање, намалување на бројот на вработени и затворање на фабрики се неизбежни – изјави Арнд Франц, извршен директор на германскиот индустриски гигант Мале (и добавувач на автомобилската индустрија), за Ханделсблат.
Арнд Франц тврди дека Мале ќе инвестира на пазари надвор од Европа доколку забраната остане на сила бидејќи само надвор од Европа може да бележи здрави финансиски резултати. Извршниот директор се надева дека ќе добие поддршка од политичарите во Германија.
– Се бориме за работни места во Европа и Германија, но внимателно ќе ги испитаме последните детали од регулативата на ЕУ, а потоа ќе донесеме долгорочна одлука, вели Франц. Минатата година, Мале отпушти 600 вработени во Германија. Компанијата затвори и шест фабрики во Европа и Северна Америка. Веќе некое време Мале се фокусира на азискиот пазар, со посебен акцент на Индија и Кина, пренесува Ревија ХАК.
Патем, во Европа, Mahle произведува компоненти за Volkswagen, BMW, Mercedes-Benz…











