
Додека Европа воведува строги биометриски контроли на границите, Грција прави исклучок за една група туристи. За нив, одењето на одмор ќе биде помалку стресно, без отпечатоци од прсти и скенирање на лице, со побрз влез и пократок престој.
Грција одлучи да го олесни применувањето на новиот европски систем за контрола на влез и излез (EEС) за британските граѓани, со цел да го олесни туристичкиот сообраќај пред летната сезона.
За разлика од повеќето европски земји кои воведуваат задолжителна биометриска регистрација, Грција ќе ги ослободи патниците со британски пасоши од земање отпечатоци од прсти и снимање на лицето на граничните премини.
Амбасадата на Грција во Лондон објави дека оваа одлука се применува од 10 април 2026 година, како дел од воведувањето на системот EEС.
Засега не е прецизирано дали истото правило ќе важи и за граѓаните на други земји надвор од Европската Унија.
Претставниците на туристичкиот сектор проценуваат дека целта на оваа мерка е да се овозможи побрз и поедноставен влез во земјата, со пократко време на чекање на аеродромите и намалување на толпите во текот на најпрометните месеци.
Новиот EEС систем, кој е воведен во 29 европски земји, има за цел да ја зајакне граничната контрола и да спречи злоупотреба на идентитетот, но веќе предизвика проблеми во пракса.
Така, на аеродромот во Милано беа забележани неколку часа метеж, поради што некои патници ги пропуштија своите летови.
Грчките власти сметаат дека пофлексибилен пристап би можел да спречи слични ситуации, особено во текот на летото кога аеродромите на островите регистрираат до неколку илјади британски патници дневно.
Туризмот во Грција доживува силен раст, во текот на 2025 година, речиси 38 милиони туристи ја посетија земјата, што е зголемување од 5,6 проценти во споредба со претходната година.
Особено е значаен растот на бројот на туристи од Велика Британија, кој изнесуваше речиси 4,9 милиони, со значителен придонес во приходите од туризам.
Министерката за туризам, Олга Кефалогиани, оцени дека 2025 година била најуспешната година за оваа економска гранка, а новите мерки треба дополнително да ја зајакнат позицијата на Грција како една од најпосакуваните туристички дестинации во Европа.











