Сигнал од Франкфурт: Европската централна банка сака моќни банки без граници

Европската централна банка (ЕЦБ) целосно ги поддржува прекуграничните спојувања на банките во Европа, изјави денес потпретседателот на таа институција, Луис де Гиндос, коментирајќи ја можноста италијанската „Уникредит“ да ја преземе германската „Комерцбанк“.

На конференција во Мадрид, тој рече дека ЕЦБ „секогаш ги поддржува прекуграничните банкарски спојувања“ и дека верува дека „вистинските европски банки се клучни за функционирањето на финансискиот систем“, според „Блумберг“.

Луис де Гиндос изјави дека Европската централна банка се залага за отстранување на постојните ограничувања што го попречуваат консолидирањето на банкарскиот сектор во Европа, како и за создавање единствен банкарски пазар.