Побарувачката за нови модели расте: Се чини дека Рено успеа со електричните возила

Францускиот производител на автомобили „Рено“ објави дека приходите на групата (кои ги вклучуваат „Дачија“ и „Алпине“) се зголемиле за 7,3% на годишно ниво на 12,53 милијарди евра во првиот квартал, надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите. Нема претерано да се занимаваме со економија и финансии, туку со интересен тренд. Имено, војната на Блискиот Исток доведе до зголемување на цените на горивата, а со тоа и до промена на навиките на потрошувачите, купувачите на автомобили.

Која е последицата? Од почетокот на годината, побарувачката за електрични возила на брендот пораснала за дури 40 проценти, а генератори на растот (освен геополитичката ситуација во светот) се „Рено 5“ и „Рено 4“. Електричните модели учествуваа со 23,9% во продажбата на брендот „Рено“, што е зголемување од 7,2%.

Севкупно, во Европа во првите три месеци, „Рено“ е втор бренд по продажба на електрични автомобили, по „Фолксваген“.