
Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, најави построги мерки против прекумерниот туризам во градот, предупредувајќи дека историскиот центар достигнува точка на „пренатрупаност“ и дека е потребно да се заштити квалитетот на животот на локалните жители.
Повеќе од осум милиони туристи ја посетија Атина минатата година, додека бројот на краткорочни ноќевања во населбата Плака, под Акропол, се зголеми повеќе од двојно од 2018 година, изјави тој во интервју за „Гардијан“.
Дукас предупреди дека таков раст ќе доведе до зголемување на цените на недвижностите, раселување на локалните жители и притисок врз инфраструктурата.
„Атина не може да функционира како џиновски хотел. Потребни се јасни правила и ограничувања“, рече тој, нагласувајќи дека градот мора да има контрола врз сопствениот развој.
Властите во грчката престолнина планираат да забранат нови туристички инвестиции во најзафатените области, особено во историскиот дел.
Се разгледува и замрзнување на дозволите за нови хотели, додека инвеститорите би биле насочени кон помалку зафатените делови од главниот град.
Иницијативите доаѓаат во време кога Атина се соочува со големи инфраструктурни предизвици – од надградба на водоводните и енергетските системи до проширување на 5G мрежата – за да одговори на притисокот создаден од комбинацијата од околу 700.000 жители и милиони посетители годишно.
Поддршка за порестриктивни мерки дојде и од туристичкиот сектор.
Хотелиерите посочуваат примери од други европски градови, како што е Барселона, кои веќе воведоа ограничувања за контрола на растот на туризмот и заштита на локалните заедници. Дукас нагласи дека достапните станови станаа клучно прашање, поради што градот развива програми за социјално домување и планира да создаде повеќе јавни простори.
„Атина постои за своите граѓани, а не само за оние кои сакаат да ја користат“, рече градоначалникот.











