
Германија ги престигна Соединетите Американски Држави во однос на капацитетот за производство на конвенционална муниција, изјави генералниот директор на концернот „Рајнметал“, Армин Папергер, пренесува „Здојче цајтунг“.
Папергер изјави дека германскиот воено-индустриски гигант доживува исклучително брз раст, како и дека планира да го зголеми бројот на вработени на 70.000 до 2030 година. Според него, во последните години, компанијата растела помеѓу 30 и 50 проценти годишно, додека оваа година се очекува да порасне за околу 40 проценти.
Се очекува приходите на „Рајнметал“ да достигнат помеѓу 14 и 15 милијарди евра, а околу 65 проценти од производството е наменето за извоз, првенствено во земјите-членки на НАТО. Папергер додаде дека компанијата соработува со околу 11.500 германски добавувачи, од кои значаен дел доаѓа од автомобилската индустрија.
Според финансискиот извештај на компанијата, во 2025 година, „Рајнметал“ остварил приход од 9,935 милијарди евра, што е раст од 29 проценти во споредба со претходната година. Оперативниот резултат се зголемил за 33 проценти, на 1,841 милијарди евра, додека вредноста на нарачките и рамковните договори достигнала рекордни 63,8 милијарди евра.
Растот на „Рајнметал“ доаѓа во време на забрзано вооружување на европските земји и зголемена побарувачка за муниција и воена опрема по избувнувањето на војната во Украина. Минатата година, компанијата отвори нов објект за муниција во северна Германија, за кој Папергер рече дека кога ќе достигне полн капацитет, ќе биде најголем од ваков вид во Европа.











