Песков: Русија нема намера да го напушти ОПЕК+

Русија нема намера да го напушти ОПЕК+, објави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Тоа е формат што овозможува значително, така да се каже, намалување на ваквите флуктуации на енергетските пазари и овозможува стабилизација на тие пазари“, рече Песков.

Зборувајќи за одлуката на Обединетите Арапски Емирати да го напуштат нафтениот картел, тој рече дека тоа е „суверена одлука“ на ОАЕ и дека Русија „се однесува кон него со почит“, пренесува Спутник.

Тој додаде дека Москва смета на продолжување на продуктивните, конструктивни и ефикасни контакти со Обединетите Арапски Емирати, вклучително и соработката во рамките на енергетскиот дијалог.

Објаснувајќи ја својата одлука, ОАЕ објави дека напуштањето на ОПЕК ќе им овозможи да го зголемат производството на нафта, бидејќи рестриктивните квоти на картелот повеќе нема да важат за нив.

ОПЕК – асоцијација на земји извознички на нафта
ОПЕК е асоцијација на земји извознички на нафта, основана во 1960 година.

Организацијата ги контролира производствените квоти со цел да влијае на светските цени на нафтата.

Покрај Обединетите Арапски Емирати, во организацијата членуваат Алжир, Екваторска Гвинеја, Габон, Иран, Ирак, Кувајт, Либија, Нигерија, Република Конго, Саудиска Арабија и Венецуела.

ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта: Русија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Бразил, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Јужен Судан и Судан, со што се создаде организацијата ОПЕК+.