Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов, информираше дека досега се откупени седум милиони килограми тутун по просечна цена од 156 денари за килограм или 17% од годинешната реколта.
“Интересно е што од откупените 17%, 4,7% се од првата класа, а од четвртата класа се околу 5%. Тоа ни покажува дека најквалитетниот тутун се уште не е откупен и дека вистинските резултати ќе ги имаме по 15 март, кога завршува и откупната сезона”, изјави Стаменов на средбата со струмичките тутунопроизводители.
Стаменов апелираше до компаниите за откуп да ја засилат динамиката за откуп по Божиќ, а тутунарите да го искористат убавото време за калапење и предавање на тутунот.
“Упатувам апел до компаниите да ја забрзаат динамиката на откупување на тутунот, бидејќи последниот рок е 15 март, а истиот нема да биде продолжен”, додаде Стаменов.
Стаменов информираше и дека досега на откупните пунктови во струмичкиот регион, Второстепената комисија за проценка била повикана во 120 сличаи, при што во 40% од случаите ја зголемила проценетата класа, што укажува дека откупувачите ги вршат проценките во рамките на законските норми.