Европската централна банка ги задржа каматните стапки, предупредува на ризиците од зголемување на инфлацијата во еврозоната

Европската централна банка (ЕЦБ) денес ги задржа сите три клучни каматни стапки на исто ниво – референтната каматна стапка за депозити на два проценти, каматната стапка за главните операции за рефинансирање на 2,15 проценти и каматната стапка за граничната кредитна линија на 2,4 проценти, додека во исто време предупреди на ризиците од зголемување на инфлацијата во Еврозоната поради војната на Блискиот Исток.

Одлуката доаѓа во време кога војната на Блискиот Исток предизвика нагло зголемување на цените на енергијата, што дополнително ја поттикна инфлацијата и во исто време ја ослабна довербата на бизнисите и потрошувачите во регионот.

ЕЦБ наведува дека, иако најновите податоци се во голема мера во согласност со претходните проценки, ризиците за инфлацијата се зголемија, додека во исто време ризиците за економскиот раст станаа поизразени.

Последиците од војната врз среднорочната инфлација и економската активност ќе зависат од силата и времетраењето на шокот на цените на енергијата, како и од обемот на индиректните ефекти и втората рунда на ефекти. Колку подолго продолжуваат војната и високите цени на енергијата, толку посилен ќе биде веројатниот ефект врз пошироката инфлација и економијата.

Управниот совет останува во добра позиција да ја издржи моменталната неизвесност.

„На почетокот на овој период на голем раст на цените на енергијата, инфлацијата во еврозоната беше на нивоа околу целта од два проценти, а економијата се покажа како отпорна во последните квартали. Долгорочните инфлациски очекувања се уште се цврсто закотвени, иако краткорочните очекувања се поместија значително повисоко“, се вели во соопштението за медиумите по состанокот на Европската централна банка.

Управниот совет внимателно ќе ја следи ситуацијата и ќе користи пристап базиран на податоци при одредувањето на соодветната позиција на монетарната политика на секој состанок.