Разочарувачки резултати: Oдат на нови намалувања, дури ни планираните 50.000 отпуштања нема да бидат доволни

Германскиот „Фолксваген“ објави понатамошно намалување на трошоците по разочарувачките резултати од првиот квартал.

Најголемиот европски производител на автомобили оствари оперативен профит од 2,5 милијарди евра во првите три месеци од 2026 година, што е пад од 14,3 проценти во споредба со претходната година и далеку под очекувањата на аналитичарите од речиси четири милијарди евра.

Приходите од продажба изнесуваа 75,66 милијарди евра, што е намалување од 2,5 проценти во споредба со истиот период во 2025 година. Аналитичарите очекуваа приходи од 75,45 милијарди евра.

Криза на Блискиот Исток
„Војните, геополитичките тензии, трговските бариери, построгите регулативи и интензивната конкуренција создаваат притисок. Во оваа предизвикувачка средина, успеавме да постигнеме конкретен напредок“, рече извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блумe.

Акциите на Фолксваген паднаа за околу два проценти во утринската трговија во четврток. Од почетокот на годината, тие изгубија повеќе од 18 проценти од својата вредност.

Кризата на Блискиот Исток, исто така, ја загрозува побарувачката за луксузни автомобили, а Блум минатиот месец предупреди дека војната со Иран би можела негативно да влијае на продажбата на брендовите Порше и Ауди.

Фолксваген во моментов спроведува обемни намалувања на работни места и голема офанзива во развојот на производи за да ја зголеми профитабилноста во услови на силна конкуренција од кинеските производители. Се очекува дека околу 50.000 работни места ќе бидат намалени во Германија до крајот на деценијата, пишува CNBC.

Главниот финансиски директор на „Фолксваген“, Арно Антиц, истакна дека моменталната пазарна средина значи дека планираните мерки за намалување на трошоците не се доволни.

Намалување на трошоците, со ист квалитет
„Мораме фундаментално да го трансформираме нашиот бизнис модел и да постигнеме структурни, одржливи подобрувања. Ова вклучува подобрување на структурата на трошоците на нашите возила без да се загрози квалитетот на производот, значително намалување на режиските трошоци, зголемување на ефикасноста на нашите фабрики и забрзување на развојот на технологијата и донесувањето одлуки“, рече Антиц.

„Ова можеме да го постигнеме само со значително намалување на сложеноста – во нашето портфолио на производи и технолошки платформи, како и во бројот на организациски единици и нивоа на донесување одлуки. Ќе се фокусираме на ова во наредните месеци“, додаде тој.

Аналитичарите на „Сити“ изјавија дека не се изненадени што „Фолксваген“ најавува дополнителни намалувања на трошоците и дека ги поддржуваат таквите одлуки, но исто така предупредуваат дека ова значи можни нови вонредни трошоци во иднина и дополнителен притисок врз профитабилноста на работењето во Европа.

Во наредниот период, „Фолксваген“ смета на зајакнување на профитабилноста, со проектирана оперативна маржа од четири до 5,5 проценти во 2026 година.