Славески: Домашната економија покажува отпорност, но ризиците од надворешното окружување се зголемени

Гувернерот Трајко Славески пред Комисијата за финансирање и буџет при Собранието ја презентира тековната економска состојба, истакнувајќи дека македонската економија и натаму покажува солидна отпорност, и покрај зголемената светска неизвесност.

Во 2025 година, економскиот раст достигна 3,5%, под влијание на домашната побарувачка, главно како одраз на повисоките инвестиции. На пазарот на труд се бележат постојани поволни поместувања, видливи преку растот на вработеноста и намалувањето на невработеноста.

Во првиот квартал од 2026 година, инфлацијата се стабилизира и се сведе на 3,7%, пред сè поради намалувањето на базичната инфлација. Сепак, гувернерот нагласи дека идната динамика на цените и натаму е неизвесна поради геополитичките ризици и движењата на светските пазари.

„Новите случувања на Блискиот Исток претставуваат значителен надворешен шок, којшто влијае врз цените на енергентите и светските синџири на снабдување“, истакна Славески.

Банкарскиот систем и натаму е стабилен, со раст на депозитите од 11,3% и кредитната активност од 13,1%, поддржан од растот на депозитниот потенцијал и стабилните биланси на банките, во услови на  висока капитализираност и добар квалитет на кредитното портфолио.

Народната банка води внимателна и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс.

„Подготвени сме навремено да реагираме со сите расположливи инструменти, заради зачувување на макроекономската стабилност“, нагласи гувернерот.