
Словачкиот функционер во Европската централна банка, Петер Казимир, изјави дека зголемувањето на каматните стапки во јуни е практично неизбежно, бидејќи порастот на цените на енергијата влијае на целата економија, а ситуацијата поврзана со војната во Иран не се подобрува.
Европската централна банка ги задржа каматните стапки на непроменети минатата недела, но наговести за можноста за нивно зголемување уште во јуни, бидејќи инфлацијата се движи во помалку поволна насока од претходно очекуваната, објавува Ројтерс.
Казимир нагласи дека банката нема однапред одреден пат, но дека останува цврста во својот пристап, со проценка дека затегнувањето на монетарната политика во јуни е речиси сигурно. Тој додаде дека ова сценарио постои од март и дека најновите настани само ги потврдија негативните очекувања.
Слични предупредувања доаѓаат и од други креатори на политики, додека пазарите очекуваат повеќе зголемувања на каматните стапки во наредниот период, а првото веќе во лето.
Иако ЕЦБ не може директно да влијае на скокот на цените на енергијата, таа мора да реагира ако тој шок се прелее во пошироката економија и предизвика продолжен пораст на цените. Казимир предупреди дека поскапата енергија ќе влијае на сите сектори, но и ќе го забави економскиот раст, бидејќи Еврозоната зависи од увозот на енергија.
Затоа, како што вели тој, станува сè поверојатно дека Европа ја очекува подолг период на истовремено зголемување на цените и послаб економски раст.











