
Германската Комерцбанк во петокот објави укинување на 3.000 работни места, покрај веќе планираното намалување на оперативните трошоци.
Банката, која италијанската „УниКредит“ се обидува да ја преземе, наведува дека со реструктуирање и фокусирање на попрофитабилни бизниси, ќе генерира работни места во рамките на групацијата.
На крајот на 2025 година, банката вработувала 39.867 луѓе на глобално ниво.
Во февруари истата година, таа објави дека планира да укине 3.900 работни места до крајот на 2027 година, повеќето од нив во Германија, додека има намера да вработи повеќе луѓе претежно во странство.
„Комерцбанк“ неодамна објави неочекувано добри бројки од првиот квартал од оваа година, со зголемување на оперативната добивка и нето добивката од десет проценти, на 1,36 милијарди, или 913 милиони евра.
Во целата 2025 година, и покрај трошоците за реструктуирање, банката оствари нето добивка од нешто над 2,6 милијарди евра, односно малку под рекордните 2,7 милијарди од претходната година.
За тековната година, по ревизијата нагоре, „Комерцбанк“ се стреми кон нето добивка од најмалку 3,4 милијарди евра – 200 милиони повеќе од претходната прогноза.
Управата на „Комерцбанк“ и германската влада го опишаа обидот за преземање од страна на „УниКредит“ како „непријателски“. Државата ја спаси „Комерцбанк“ за време на глобалната финансиска криза и сè уште контролира 12 проценти од нејзиниот капитал.











