Австрискиот претприемач Јозеф Цотер во животот работел се и сешто. Бил келнер, готвач, слаткар, фармер, но можеби најдобро би можел да се опише како човек со визија за бизнис, којашто успешно ја претворил во реалност.
Во бизнис водите се впуштил во 1987 година, кога со сопругата ја основал фамилијарната фирма Zotter. Со производство на чоколадо започнал на почетокот на 90-тите во своја слатканица, но поради неликвидност, морал да ги затвори трите слаткарници и да одлучи што ќе прави понатаму во животот.
Јозеф ја избрал чоколадата и не згрешил, затоа што чоколадите од фабриката Zotter, сместена во Бергл, се продаваат на сите континенти.
Решението за кризата е во производството
Јозеф Цотер е единствениот произведувач во Европа кој во својата фабрика ги спроведува сите фази на производство, почнувајќи од пржење на зрното какао, ситнење и мелење во погоните на фабриката.
Од 2005 година се одлучува за органско производство, а во 2006 отвора своја “Чоколадна фабрика”. Какаото за изработка на чоколади го набавува од Бразил, Перу, Боливија, Конго и Индија од мали, фамилијарни одгледувачи. Бидејќи смета дека неговата фирма има одговорност за работните и животните услови на одгледувачите на какао во неразвиените земји, при откупот плаќа многу повисока цена од вообичаената на светскиот пазар.
Освен какаото, од органско потекло мораат да бидат и другите суровини, па така млекото го набавува од фарма во Тирол, а зачините ги одгледува на фармата околу фабриката.
“Од почетокот сакавме да произведуваме чоколадо со карактер и на потрошувачите да им дадеме производ во согласност со природата. Верувам дека луѓето се повеќе се ориентираат кон такви производи”, вели Цотер.
А дека е така докажува и фактот дека кризата не го ни допре. Напротив, минатата година му беше најдобра. Раст бележи и оваа година, а годишно бележи промет од 18 милиони евра. Не се финансира со помош на кредити, туку со сопствено производство, а остварената добивка редовно ја реинвестира во ширење на бизнисот.
“Решение за кризата може да се најде единствено во производството. Кризата во Европа е последица на преголемото селење на производството во земјите како Кина и Индија”.
Бунт против меинстримот
Чоколадите произведени во фабриката Zotter по многу работи се разликуваат од другите. Парчиња сланина во чоколадо, семки од тиква со марципан, јаболки и моркови со ѓумбир потопени во чоколадо. Чоколадната револуција започна со Јозеф Цотер: нови комбинации на вкусови, нов формат, уметност во пакувањето, луди идеи и бунт против меинстримот.
“Ако земеш исклучително квалитетни состојки и ги искомбинираш со имагинација и голема доза на вештина, на крајот резултатот ќе биде неверојатен”.
Секоја табла чоколадо е изработена рачно, а се одликува со комбинација на вкусови што ги смислува самиот сопственик и обвивки кои секоја за себе е вистинско мало уметничко дело. Обвивките ги дизајнира уметникот Андреас Гратце, партнер и долгогодишен пријател на Цотер. За своите дизајни, Гратце е номиниран за Designer Award 2009 во Германија.
Фабриката Zotter на пазарот пласира околу 340 чоколади со различни ароми. Најпознати се тркалезната чоколада Mitzi Blue и чоколадото Labooko, произведени од зрно до табла (bean to bar). Меѓу препознатливите е и овошната чоколада од сушено овошје, јагода и малина и има розова боја. Јозеф користи своја техника при нивно производство. На ладна маса долга неколку метри, го нанесува првиот слој чоколадо и чека да се олади. Потоа нанесува еден или два слоја различно полнење. Полнењето го покрива со уште еден слој чоколадо. Кога ќе се исуши, ова огромно парче се сече на мали плочки, кои потоа се потопуваат во чоколадо.
Цотер не добива добри оценки само поради квалитетот. Неговиот бизнис модел беше награден за одржливост со Utopia Award во 2010 година. Јозеф Цотер и неговата компанија беа претставени на Harvard Business School во 2010 година, каде што ги импресионира и студентите и професорите со своите иновации, вкусови и бизнис модел.
Туристичка дестинација
Фабриката годишно произведува 900 тони чоколада, а сите вкусови можат да се испробаат во посебна просторија за дегустација што се наоѓа во рамките на фабриката. Во фабриката, која не е само производен погон, туку и успешна туристичка дестинација што ја посетуваат 200.000 посетители годишно, можат да се пробаат суви зрна какао, течна маса чисто какао. Посетителите можат да си направат сопствена топла чоколада бирајќи меѓу 99 видови вкусови.
Сите чоколади можат да се купат во фабричката продавница, а целиот процес на производство е транспарентен и видлив за посетителите на Чоколадниот театар.
Во околината на фабриката има и зоолошка градина на отворено, ресторан во кој се служат јадења подготвени од зеленчук и месо од фармата на Цотер, соларна електрана, но и гробишта каде што завршиле сите чоколадни иновации што не биле успешни или пазарот веќе се заситил од нив.
Јозеф Цотер инвестира 17 милиони евра во својата фабрика. Со своите 130 вработени, тој преработува 450 тони какао, 250 тони шеќер, милион литри органско алпско млеко, 129 килограми свежа ванила и многу други состојки годишно. И покрај се, Цотер е “мал играч” во чоколадната индустрија. Неговото чоколадо се продава исклучиво преку трговци на мало и преку Интернет. Од вкупното производство, 45% се извезува во 17 земји во Европа, Северна Америка и Азија.
Фото: Zotter