
Последиците и зголемената неизвесност во светското окружување поврзани со воениот конфликт на Блискиот Исток условија умерена надолна ревизија на проекциите за растот на домашната економија, побавно враќање на инфлацијата кон историскиот просек и понеповолна надворешна позиција, пред сè под влијание на енергетската компонента. Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески при презентацијата на најновите пролетни макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2026 ‒ 2028 година пред претставниците на дипломатскиот кор и на меѓународните институции. На настанот присуствуваа претставници на амбасадите на Германија, Грција, Италија, Јапонија, Кина, Косово, САД, Унгарија, Холандија, Хрватска и Швајцарија, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Настанот традиционално се организира по секој циклус макроекономски проекции на Народната банка.
Во презентацијата беше наведено дека домашната инфлација ќе бележи натамошна постепена стабилизација, но побавна, имајќи ги предвид понеповолните надворешни услови и растот на светските цени на енергентите и храната. Според најновите проекции, во 2026 година, просечната инфлација ќе изнесува 4%, а потоа ќе забави сведувајќи се на 3% во 2027 година и на 2% на среден рок. Притоа, беше истакнато дека Народната банка продолжува со претпазливо водење на монетарната политика. Воедно, Народната банка и во иднина ќе биде подготвена за соодветна реакција доколку се зголемат инфлациските притисоци или притисоците на девизниот пазар.
Во рамките на пролетниот циклус проекции, растот на економијата е проектиран на 3,5% за 2026 година, со забрзување во 2027 година кога би достигнал 3,8% и 4% во 2028 година. И натаму се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот двигател на растот, со поддршка и од кредитната активност. Во однос на надворешната позиција, за 2026 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе достигне 5,7% од БДП, главно поради повисоките трошоци за увоз на енергија, додека на среден рок се очекува негово постепено намалување. Истовремено, се очекуваат солидни приливи во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута.
Беше посочено и дека банкарскиот систем и натаму е стабилен, при солидна кредитна и депозитна активност. Во светското окружување сѐ уште владее висока неизвесност и ризици, поради што Народната банка внимателно ќе ги следи движењата и ќе реагира соодветно, во согласност со својата основна цел ‒ одржување на ценовната и финансиската стабилност.











