„Рајанер“ ја затвора оперативната база во Солун

„Рајанер“ ќе ја затвори својата оперативна база на грчкиот аеродром во Солун оваа зима и ќе го намали бројот на летови до и од градот, откако операторот на аеродромот „Фрапорт“ ги зголеми годишните такси, изјави  неговиот главен комерцијален директор.
Во разговор со новинарите во Атина, Џејсон Мекгинес објави дека не е постигнат напредок во преговорите меѓу нискобуџетниот превозник и „Фрапорт“, кој ги зголеми таксите на голем број грчки аеродроми. „Фрапорт Грција продолжи да ги зголемува таксите, кои сега се 66 проценти над нивоата пред Ковид“, предупреди Мекгинес.

„Фрапорт Грција“ нагласи дека сите тврдења што ја поврзуваат одлуката на „Рајанер“ со аеродромските такси или со таксата за развој на аеродромот, наметната од грчката држава, се целосно неосновани.

„Одлуката за намалување на зимските операции на аеродромот „Македониjа“ во Солун е исклучиво поврзана со комерцијалната стратегија, деловниот модел и размислувањата за профитабилност на „Рајанер“, изјави „Фрапорт“.

Ирскиот превозник, најголем во Европа според бројот на патници, има 95 оперативни центри низ целиот континент каде што одржува авиони и кабински екипаж. Исто така, минатиот месец објави дека ја затвора својата база во Берлин поради повисоки такси и даноци.

Мекгинис не појасни дали најновиот потег ќе доведе до намалување на работните места меѓу 100-те луѓе што работат во базата во Солун. Капацитетот се намалува и на аеродромот во Атина за претстојната зима, што ќе резултира со вкупна загуба од 700.000 седишта и 12 рути низ Грција. Авионите ќе бидат пренасочени кон Албанија, Италија и Шведска.