Модната куќа „Џорџо Армани“ се подготвува да продаде 15 проценти од својот акционерски капитал

Италијанската модна куќа и луксузна група „Џорџо Армани“ се подготвува да ги исполни последните желби на својот основач, кој почина во септември минатата година, и да продаде 15 проценти од својот акционерски капитал, објави  весникот „Република“.

Извршниот директор на групацијата, Џузепе Марсоки, развива петгодишен бизнис план што ќе биде доставен до инвестициските банки, кои ќе бидат поканети да изберат идни купувачи на малцински удел во групацијата, почнувајќи од 9 септември.

Се вели дека планот е базиран на „демократска“ основа, како што имал намера Армани, со модни линии кои се движат од спортска облека од линијата EA7 до облека за слободно време Emporio и брендот за висока мода Armani Privé, кои заедно можат да им се допаднат на широката публика.

Во тестаментот на Армани е наведено дека 15 проценти од акциите ќе бидат продадени во рок од 12 до 18 месеци од неговото читање.

Продажбата првенствено ќе биде насочена кон LVMH, EssilorLuxortica, L’Oreal или други модни и луксузни компании со сличен статус, кои ќе бидат идентификувани со одобрение од доживотниот партнер на Армани, Лео Дел’Орко, кој е исто така наследник на 40% од акциите во групацијата Giorgio Armani SpA.

Процесот сè уште не е започнат бидејќи мора да се изберат најмалку двајца советници, од кои едниот веројатно ќе биде од семејството Ротшилд, но компанијата наводно ја развива идејата за поделба на продажбата на три удели од по 5 проценти, со цел да ги задржи сите три потенцијални купувачи идентификувани од самиот Армани во оваа почетна фаза од бизнис планот, според „Република“.

„ЕсилорЛуксор“ и „Лореал“ веќе изразија интерес, делумно затоа што имаат долгогодишно партнерство со компанијата, кое ќе трае до 2037 година за сегментот на очила, и до 2050 година за сегментите на парфеми и козметика. „ЛВМХ“ е исто така заинтересиран за стекнување на малцински удел во „Армани“, бренд кој самиот Бернар Арно го почитува високо.