
„Емирејтс груп“ оствари рекордна добивка од 24,4 милијарди дирхами, или 6,6 милијарди долари, во финансиската 2025/26 година. Во својот годишен извештај објавен на 7 мај, компанијата соопшти дека и покрај предизвиците и прекините во последниот месец од фискалната година, постигнала најдобри резултати во својата историја.
Вкупните приходи на „Емирејтс груп“ се зголемија за три проценти на рекордни 150,5 милијарди дирхами, додека паричните резерви на групацијата се зголемија на 59,6 милијарди дирхами. EBITDA изнесуваше 41,1 милијарди дирхами, што дополнително ја потврдува силната оперативна профитабилност на компанијата, пишува „Авио портал“.
Самата авиокомпанија „Емирејтс“ ја задржа титулата најпрофитабилна авиокомпанија во светот. Профитот пред оданочување достигна 22,8 милијарди дирхами, со маржа на профит од импресивни 17,4 проценти. Приходите на компанијата се зголемија на 130,9 милијарди дирхами, додека паричните резерви достигнаа рекордни 54,9 милијарди дирхами.
Претседателот и извршен директор на „Емирејтс груп“, Ахмед бин Саид Ал Мактум (Ahmed bin Saeed Al Maktoum), истакна дека резултатите ја потврдуваат отпорноста на деловниот модел на компанијата, базиран на безбедност, квалитет на услугата, иновации и инвестиции во луѓе и технологија.
„Првите 11 месеци од финансиската година беа исклучително силни за целата група. Побарувачката за нашите производи и услуги беше силна, а инвестициите во флота, технологија и бренд донесоа одлични резултати. Сепак, на крајот на февруари, воените настани сериозно го нарушија комерцијалниот воздушен сообраќај во регионот на Заливот“, рече Ал Мактум.











