Мукаетов на Самитот „Македонија 2025“: „’Алкалоид’ е пример дека Македонија може да се натпреварува глобално“

Компаниите од земјава и од регионот треба да ги напуштат локалните практики и да работат според глобалните правила и стандарди, доколку сакаат да бидат конкурентни и успешни на меѓународните пазари. Растот и развојот на „Алкалоид“ се резултат на децениско инвестирање во производство, истражување и развој, таленти, технологија и во регионална експанзија.

Овогодишниот самит на организацијата „Македонија 2025“ обедини водечки бизнис-лидери од регионот, кои дискутираа за системските промени потребни за забрзан раст и за предизвиците со кои се соочуваат компаниите во процесот на интернационализација. На панелот посветен на прашањето како може регионот од потенцијал да создаде скалабилни и одржливи резултати се отворија клучни теми за конкурентноста, иновациите и задржувањето на талентите во Југоисточна Европа. Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, говореше за трансформацијата на компанијата од регионален производител во глобално конкурентна фармацевтска компанија.

„Пресвртот се случуваше постепено како резултат на долгорочната и внимателно поставена стратегија. Визијата за глобализација започна со изградбата на новите производствени капацитети во раните 2000-ти години, додека, пак, клучниот исчекор кон европските пазари се случи во 2007 година, кога беше потврдена нашата усогласеност со стандардите ЕУ-GMP и кога го добивме првото одобрение за ставање лек во промет во Европската Унија. Денес ’Алкалоид’ има 1008 маркетиншки авторизации за лекови на пазарите во ЕУ.“

1_summit

Мукаетов посочи дека фармацевтскиот сегмент денес учествува со 91 процент во вкупните продажби на компанијата, удел во кој предничи полусинтетскиот цефалоспорин – цефиксим, за кој „Алкалоид“ е водечки производител во Европа и Евроазија според волуменот на производство.

Посебен акцент на панелот беше ставен врз важноста на човечките ресурси и врз проблемот на земјава и регионот со одлив на таленти, што директно влијае врз економскиот и иновативниот потенцијал. Меѓу компаниите во регионот сѐ почесто се наметнува оцената дека образовниот систем не одговара на потребите на современиот пазар на трудот и дека е евидентен недостигот од практично подготвен и глобално конкурентен кадар.

3_summit

„’Алкалоид’ инвестира во сопствена академија, практикантски програми, дуално образование и во стипендии за студенти по медицина и фармација, со цел да придонесе за создавање и задржување квалитетен кадар во земјава. Како столбови на националните економии, големите компании треба да најдат начини за да ги задржат талентите тука. Нашата стратегија за луѓето е и наша бизнис-стратегија“, порача генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на Самитот „Македонија 2025“, нагласувајќи дека долгорочниот успех и позитивниот имиџ на компанијата се темелат врз организациска култура во која луѓето, довербата и развојот на таленти се врвен приоритет.

На панел-сесијата „Од потенцијал до перформанси: може ли регионот да скалира?“, модерирана од Методија Папазоски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“ и претставник на „EMBS Group“, учествуваа и Александар Сератлиќ, претседател на Надзорниот одбор на „Mercata VT Owner“ и член на надзорните одбори на „Vivex Group“, „Краш“ и „MPC Properties“; Ана Драшковиќ, потпретседател и регионален генерален менаџер за Југоисточна Европа во „VISA“, и Огњен Лазиќ, генерален директор на „Пивара“ Скопје.