
Електричен Volkswagen Golf, наречен ID. Golf требаше да се појави на пазарот во 2028 година. Барем така беше најавено. Сепак, ништо од тоа. Зборувајќи на настанот „Иднината на автомобилот“ на FT во Лондон, директорот на Volkswagen, Томас Шефер, рече:
– Сега имаме фантастична понуда и во моментов не ни треба електричен Golf. Добро сме позиционирани со она што го имаме во нашето портфолио на возила.
На постоечката понуда на електрични возила на Volkswagen оваа година ќе им се придружи нова линија на електрични модели што ги вклучуваат новиот ID. Polo, ажурираниот ID. 3 Neo и претстојниот ID. Cross. Коментарите на Шефер сугерираат дека подоцнежното лансирање на Golf EV е делумно тактичко за да им се даде на новите модели одредена пазарна експонираност пред лансирањето на првата електрична верзија на најпопуларниот и најпознат модел на VW.
Друга причина, наговести тој, е одложувањето на платформата SSP, која ќе биде основа на Golf EV. Новата архитектура ќе биде основа на следната генерација возила на Volkswagen Group, а извршниот директор на Volkswagen Group, Оливер Блуме, претходно тврдеше дека таа ќе донесе паритет на цените помеѓу моделите со мотори со внатрешно согорување и електричните модели. Платформата ќе има и архитектура од 800 волти, понапредна технологија на батерии и нов софтвер развиен во соработка со Rivian. Првично беше планирано да пристигне оваа година, но беше одложена поради проблеми со развојот, а првите возила што ќе ја користат нема да бидат лансирани до 2028 година.
Шефер потврди дека првите возила на VW Group што ќе ја користат платформата ќе бидат од премиум брендовите Audi и Porsche. Производството на Golf од деветтата генерација со мотор со внатрешно согорување, кој ќе биде значително ажуриран, ќе се пресели во Мексико, пишува Autocar.











