
По „Фолксваген“ и „Мерцедес“ размислуваат да се префрлат на производство на оружје, објавуваат германските медиуми. „Светот стана уште понепредвидлив и затоа Европа мора да го прошири својот одбранбен профил. Подготвени сме ако можеме да играме позитивна улога во тој процес“, изјави извршниот директор на „Мерцедес Бенц“, Ола Карлениус, во интервју за „Волстрит џурнал“.
Карлениус верува дека автомобилската индустрија е позната по производството на „прецизни машини со висок квалитет“ и затоа се погодни за производство на оружје. Во исто време, тој рече дека производството на автомобили ќе остане централен сектор на „Мерцедес“, а производството на оружје ќе биде споредна активност.
Тоа може да биде „растечка производствена ниша што би придонела за целокупниот деловен резултат“, рече Калениус, додавајќи дека „Мерцедес“ веќе активно учествува во зајакнувањето на безбедноста и подготвеноста на НАТО.
Воена индустрија
„Многу варијанти на нашата G-класа работат низ целиот свет како воени возила“, нагласи Калениус. Пред „Мерцедес“, и „Фолксваген“ го најави својот влез во воената индустрија.
Според германските медиуми, фабриката за каросерии во Оснабрик би можела да ја преземе израелскиот концерн Рафаел, кој би произведувал делови за својот противракетен систем „Железна купола“ во северна Германија.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, исто така најави зголемен ангажман во секторот за воени транспортери. Германската автомобилска индустрија веќе неколку години по ред се соочува со пад на побарувачката и најава за неколку илјади отпуштања и затворање на фабрики.











