
Новата регулатива предвидува казни за туристите и граѓаните кои шетаат по улиците, плоштадите и парковите надвор од крајбрежјето – во Улцињ, во бикини или без кошула.
Црногорската општина Улцињ усвои нова регулатива со која се ограничува движењето во облека за плажа надвор од крајбрежните области.
Според одлуката донесена од Општинското собрание на Улцињ, на граѓаните и туристите нема да им биде дозволено да шетаат во бикини или делумно голи по улиците, плоштадите, парковите, шеталиштата и другите јавни простори во градот.
Регулативата не се однесува на плажите и областите во близина на брегот наменети за туристи, објавува ТРТ Балкан. Оние кои ќе ја прекршат оваа регулатива подлежат на значителни казни, кои, според соопштението на локалните власти, се движат од 350 до 500 евра за физички лица.
Оваа одлука ја потврди на својот официјален профил на Инстаграм претседателката на Општинското собрание на Улцињ, Ивана Поповиќ, која истакна дека целта на мерката е „одржување на редот, етиката и имиџот на туристичкиот град во текот на летната сезона“.











