Николоски: Хрватска усвои Закон со кој професионалните возачи ќе добиваат долгорочни визи – олеснување за македонскиот транспортен сектор

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски на својот Фејсбук профил објави дека во Хрватска е усвоен Закон со кој професионалните возачи ќе можат да добиваат долгорочни визи.

„Во Хрватска е усвоен законот со кој професионалните возачи ќе можат да добиваат долгорочни визи.

Тоа е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на ЕЕС системот во Шенген зоната. Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи.

Ова е реализација на договорот што го направивме со вицепремиерот и министер Олег Бутковиќ во Јануари годинава.

Швајцарија веќе издава долгорочни визи. Очекуваме и други држави да се приклучат. Продолжуваме кон конструктивни решенија за нашите професионални возачи“, објави вицепремиерот Николоски.

Превозниците подолг период предупредуваа дека новите правила во Шенген создаваат сериозни проблеми за возачите кои често престојуваат во земјите на ЕУ поради природата на работата, па ваквите долгорочни визи се гледаат како значително олеснување за целиот сектор.