Од денес, ЕУ воведува нови правила за Airbnb и Booking

Европската Унија од денес воведува нови правила за дигиталните платформи за краткотраен изнајмување сместувачки капацитети, во обид да воведе поголем ред и транспарентност во секторот кој силно порасна во последните години, но во исто време го зголеми притисокот врз домувањето и локалната инфраструктура во бројни туристички дестинации.

Станува збор за Регулативата (ЕУ) 2024/1028, која беше усвоена од Европскиот парламент и Советот по неколкумесечни преговори за правилата за платформи како Airbnb и Booking, а која се применува од денес, 20 мај, во сите земји-членки. Регулативата воведува обврска за воспоставување единствени системи за дигитална регистрација за изнајмувачите и обврска платформите редовно да доставуваат податоци за активностите на домаќините до надлежните органи, вклучувајќи го бројот на ноќевања, гостите и регистрациските броеви на сместувачките единици.

Во 2022 година, Европската комисија предложи регулатива како дел од стратегијата за мали и средни претпријатија и дигиталниот пазар, во време кога бројни европски дестинации, особено големи градови како Париз и Барселона, предупредија на растечкиот притисок од краткотрајните изнајмувања врз достапноста на домување и локалните заедници. Во образложението на регулативата, се наведува дека еден од клучните проблеми бил недостатокот на сигурни и стандардизирани информации за идентитетот на закупецот, локацијата на сместувачкиот простор и времетраењето на закупот, што го отежнувало обликувањето на јавните политики и следењето на пазарот.

Според правилата што важат низ цела ЕУ од денес, земјите-членки што сакаат да пристапат до податоците на платформите мора да воспостават единствена дигитална точка за пристап, додека платформите ќе мора да вршат проверки на регистарските броеви и да ги отстрануваат рекламите што не ги исполнуваат пропишаните услови. Податоците ќе се доставуваат до надлежните органи автоматски, најчесто на месечна основа.

Известувачот на Европскиот парламент за предлогот на регулативата, холандската пратеничка Ким Ван Спарентак од Зелениот клуб, за време на преговорите се залагаше за построги овластувања на националните власти во случаи на неточни или сомнителни податоци, вклучително и можноста за суспендирање на регистарските броеви, како и за побрзо спроведување на регулативата од првично предложениот рок. Европскиот парламент го усвои конечниот текст во февруари 2024 година со 493 гласа „за“, 14 „против“ и 33 „воздржани“.