Збогум на нафтата: 30% од продадените автомобили во 2026 ќе бидат на струја

Глобалната дистрибуција на електрични автомобили најверојатно ќе забележи дополнително забрзување како резултат на конфликтот во Иран, информираше Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ). Организацијата посочи дека продолжените високи цени на суровата нафта го поттикнуваат преминот од возила со традиционални мотори.

МАЕ, со седиште во Париз, објави дека продажбата на електрични автомобили веќе бележи раст од 20 проценти во 2025 година, достигнувајќи над 20 милиони примероци. Ова значи дека секое четврто ново возило продадено ширум светот минатата година било електрично.

Кинеските производители учествуваа со 60% во вкупната продажба на електрични возила. Од друга страна, европските и северноамериканските автомобилски компанции имаа удел од околу 15% секоја во светската продажба на овие автомобили, според податоците на агенцијата.

Во Германија, која претставува најголемиот пазар за електрични возила во Европа, продажбата скокна за 50% во 2025 година, достигнувајќи рекордна бројка од 850.000 автомобили.

Регулаторниот орган за енергетика прогнозира дека глобалната продажба на електрични возила ќе продолжи да расте оваа година, достигнувајќи околу 23 милиони автомобили. Ова би претставувало речиси 30% од вкупниот број автомобили продадени во светот.

Во извештајот се нагласува дека евентуална блокада на Ормушкиот Проток, клучен морски коридор преку кој минуваа околу 20% од светските резерви на нафта и течен природен гас пред воениот конфликт меѓу САД и Израел со Иран, веројатно дополнително ќе го забрза темпото на продажба на електрични возила на среднорочен период, поради континуираното високи цени на нафтата.

МАЕ очекува националните влади да воведат субвенции и други стимулативни мерки за набавка на електрични автомобили, со цел да се намали притисокот врз потрошувачите и да се намали зависноста од увоз на нафта.

„Продажбата на електрични автомобили постави нови рекорди во речиси 100 земји минатата година. Растечката популарност на електричните возила означи голема промена за автомобилските пазари и за енергетскиот систем во целина – и тоа нуди одредено олеснување во моментов, среде најголемиот шок во снабдувањето со нафта во историјата“, изјави извршниот директор на МАЕ, Фатих Бирол.

Тој додаде дека очекуваат намалувањето на цените на батериите и потенцијалните политички одговори на актуелната глобална енергетска криза да обезбедат дополнителен импулс на пазарите на електрични возила во иднина.