Kлиматски пресврт: Првиот голем европски град кој целосно ги забрани рекламите за месо, летови и бензин

Амстердам стана првиот голем град што целосно го забрани рекламирањето месо, авионскиот сообраќај и фосилните горива на јавни места. Одлуката е дел од стратегијата за борба против климатските промени и предизвика остри реакции од индустријата, но и поддршка од застапниците на зелените политики.

Амстердам стана првиот голем град што целосно го забрани јавното рекламирање на месо и производи од индустријата за фосилни горива.

Од 1 мај, билбордите и рекламите за брза храна, авиокомпании и автомобили на бензин се отстранети од улиците, метро станиците и трамвајските станици, како дел од поширок план за намалување на емисиите и борба против климатските промени.

Одлуката беше усвоена од градскиот совет во јануари, по предлог на политичките партии Зелена левица и Партија за животни.

Новите правила вклучуваат забрана за промоција на воздушни патувања, крстосувачки бродови, возила на фосилни горива и сите видови месо. Целта на градот е да стане климатски неутрален до 2050 година, а во исто време да ја намали потрошувачката на месо за 50 проценти.

Градските власти тврдат дека употребата на фосилни горива директно придонесува за климатската криза и загадувањето и дека нивното рекламирање поттикнува потрошувачка што е во спротивност со Парискиот климатски договор.

Сличен пристап беше применет и кај месото, кое е етикетирано како производ со негативно влијание врз животната средина и благосостојбата на животните.

Поддржувачите на одлуката прават паралела со забраната за рекламирање на тутун, тврдејќи дека тоа е мерка што има долгорочен ефект врз промената на навиките на потрошувачите. Иницијативата беше поддржана и од дел од стручната јавност од рекламната индустрија, која верува дека рекламите силно го обликуваат однесувањето на луѓето и дека јавниот простор треба да се регулира поодговорно.

Сепак, одлуката предизвика и силно противење од деловните здруженија.

Претставниците на месната индустрија тврдат дека тоа е неоправдано ограничување на пазарот, додека туристичките агенции предупредуваат дека забраната за рекламирање на авиокомпании може негативно да влијае на бизнисот и слободата на рекламирање.

Оваа мерка има и финансиски последици за градот.

Амстердам заработува повеќе од 12 милиони евра годишно од договори за рекламирање на отворено, а проценките покажуваат дека новите ограничувања би можеле да ги намалат приходите и вредноста на идните тендери.

И покрај критиките, Амстердам не е сам во вакви потези.

Слични забрани веќе се воведени или објавени во неколку европски градови, додека Франција претходно донесе национални прописи со кои се ограничува рекламирањето на фосилни горива.